Реакцијата следува во денеска објавениот ревизорски извештај за работењето на јавното претпријатие основано од Општина Охрид во 2023 година. Во документот се нотирани низа неправилности и пропусти особено со управувањето на големи количини нафта кои фирмата ги купувала, а потоа точела од своја пумпа. Според ДЗР, било евидентирало точење гориво и во неисправни возила
Директорот на охридското јавно претпријатие „Комуналец“, Сашо Најдески, за ТВ 24 изјави дека не се точни наодите на Државниот завод за ревизија – дека фирмата книжела точење на дизел-гориво и во возила кои се неисправни. Тврди дека имал и документација во прилог на неговото тврдење, но дека ревизорите од нејасни причини не ја зеле предвид.

„Возилата кои се наведени како неисправни во извештајот, во моментот на користење на горивото биле во целосно исправна техничка состојба, а истото може да се потврди од потврда за технички прегледи: Сообраќајни дозволи, Осигурителни полиси за истите, како и службени извештаи за користење на возилата во текот на 2023 година. Наведените возила биле активно користени за извршување на работните задачи на претпријатието, за што има соодветна документација (од за нас нејасни причини стручниот ревизорски тим не ги зеде во предвид овие докази)“,
пренесе ТВ 24.
Во извештајот за работењето на охридски „Комуналец“, Државниот завод за ревизија изрази неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2023 година и за усогласеност со законската регулатива, упатства и воспоставени политики. Некои од основните причини за таквите наоди се користењето на нафтата и исплатата на аванси.

Кога е во прашање нафтата, според ДЗР подолг временски период не е извршена верификација на мерилата кои служат за прием и издавање на дизел-гориво од подземната цистерна, сопственост на јавното претпријатие. Настрана што ревизорите не наишле на соодветна евиденција за трошењето на нафтата, од анализата на документите дошле до заклучок дека:
„Се издадени приближно 27 000 литри дизел-гориво за неисправни возила и 10 000 литри за неевидентирани возила во материјална и сметководствена евиденција, без прилог на соодветна поткрепувачка документација… Ваквиот начин на прием, управување и издавање на резервата на гориво, како и признавање на трошоците по тој основ, без обезбедена соодветна поткрепувачка документација, укажува на ненаменско и нерационално користење на јавните средства“,
велат од ДЗР и додаваат дека ниту поправките ниту одржувањата на возилата не се поткрепени со документација.
Кога се во прашање авансите, од ДЗР заклучиле дека на вработените им се исплаќа аванс на плата врз основа на рачно напишано барање, со дискреционо право на директорот да одлучува.
На овие обвинувања директорот Сашо Најдески вели:
„Потрошено е гориво на неевидентирани возила во материјална и сметководствена евиденција, односно станува збор за потрошено гориво за возила кои од страна на општина Охрид се доделени во минатите години на користење на ЈП ‘Охридски комуналец’, што значи дека истите возила се дадени законски, а обврска е на ЈП ‘Охридски комуналец’ да ги користи и за истите да обезбеди гориво. Во делот на исплаќање на аванс на плата ве известуваме дека таква пракса постоела во минатото, меѓутоа истата веќе е прекината и не се врши исплата на аванс на плата.“
Речиси две децении ЈП „Охридски комуналец“ работи со блокирана сметка. Од ДЗР велат и дека претпријатието функционира во рамки на месечните лимити, односно минимумот парични средства над кои не може да им се спроведе извршување. Во 2023 година, кога е правена ревизијата, месечниот лимит за функционирање на ЈП е определен во износ од 16 900 000 денари или околу 275 000 евра. И покрај тоа, долговите на претпријатието растат, заклучува ДЗР.