Пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил, денеска во Собранието го праша министерот за надворешни работи и надворешна трговија по која основа се пратени на цензура учебниците за петто и шесто одделение во Бугарија, на што тој рече дека тоа е дезинформација и лажна вест
Владата секогаш ќе стои во заштита на македонскиот јазик, идентитет и историја, рече денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски одговарајќи на пратеничко прашање од пратеникот на Левица, Реџеп Исмаил, за заклучоците од работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу С Македонија и Бугарија.

За министерот е изненадувачки тоа што во рок од неколку дена, како што рече, се случува координаран напад кон него од страна на бугарскиот копретседавач со Комисијата Ангел Димитров и пратеникот Реџеп Исмаил од Левица.
„Можеби е случајност, координираниот напад кон Министерството за надворешни работи од Ангел Димитров и Реџеп Исмаил. Некои велат дека во политиката не треба да верувате во случајност, но ќе одберам добра верба дека ова е случајно координиран напад“,
рече тој.
Според него, Комисијата треба да биде водена од поединци што инпутот што ќе го внесат е базиран на нивни научни познавања, знаења и факти и оти секој политички одговор што тој би го дал би се сметало како влијание врз ова тело.
„Верувам дека Комисијата во овој состав ќе продолжи да работи независно базирано на факти. Кога цените како се поставила нашата надворешна политика, ќе видите дека секогаш велиме дека не се за отстапки по секоја цена и дека клучното прашање кога го земаме предвид одлучувањето во однос на сите политички прашања поврзани со Бугарија, се заштита на македонскиот идентитет, културна посебност и историја. Точно е и дека од другата страна на границата има поединци што сакаат да ја негираат нашата историја, идентитет и јазик. Но, затоа ние повеќе од година и пол сме цврсто поставени по однос на овие позиции“,
кажа министерот.
Посочи и дека Димитров често го прозива сакајќи да го испровоцира за потоа да каже дека македонската влада се меша во академската слобода и независност.
Пратеникот Исмаил смета дека Муцунски секогаш се обидува да избегне политичка одговорност велејќи дека Комисијата ја гледа како некоја научна и академска работа.
„Заклучоците на Комисијата имаат политички последици. Се работи за суверенитет, кој е политичко прашање. Вие не можете да кажете дека не се мешате во Комисијата“,
рече пратеникот.
Потоа го праша министерот по која основа се пратени на цензура учебниците за петто и шесто одделение во Бугарија.
На тоа, Муцунски одговори дека се работи за дезинформација и лажна вест.
„Ништо не е пуштено во Софија на амин. Тоа е дезинформација, лажна вест. Нашите државни институции не пуштиле ништо, ниту учебник ниту документ во Софија на т.н. амин. Не се случило такво нешто“,
кажа шефот на дипломатијата.
Според него, треба да имаме дијалог со сите наши соседи и оти треба да работиме на затворање на сите отворени прашања, но оти не смеат и немаат право да го прават тоа по секоја цена и на штета на нашите национални интереси.
„Знам дека би биле најсреќни да докажете дека вашата теза е точна и дека ВМРО-ДПМНЕ направило отстапка. Но, набројте една отстапка од таква природа што е направена во последната година“,
кажа тој додавајќи оти верува дека пратеникот не е координиран со историчарите од Софија.
Исмаил одговори дека нема никаква координација со бугарските историчари додавајќи дека државата треба да се повлече од историската комисија.
Копретседавачот со Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија, Ангел Димитров, неодамна изјави дека работата е во застој и е блокирана, а оти Комисијата е еден вид алиби во моменталните комплицирани односи меѓу двете држави.
