Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во партиското седиште на интегративците имал средба со евроамбасадорот во земјава, Дејвид Гир, на која говореле за спорот со Бугарија, за Договорот за добрососедство и спроведување на обврските на патот кон ЕУ.
„Ахмети оцени дека не сме далеку од договорот со Софија и дека страните ќе ги почитуваат преземените обврски, треба да се пристапи кон разликите и да се надминат што е можно побрзо за да започнат преговорите за членство во Европската Унија“,
соопштија од ДУИ.
Ахмети потенцирал дека не смееме да заостануваме со напорите за да ги надмине пречките бидејќи со добри односи во земјава, но и со соседите се обезбедува подобра иднина, стабилност, безбедност и европска перспектива.
Гир, пак, порачал дека е потребно интензивно спроведување на реформите во наредните месеци за да се постигнат европските стандарди, а истото речиси го истакнал и Ахмети.
„Исто како што бевме партнери со ЕУ, НАТО и САД за решавање на сите прашања, ние ќе застанеме рамо до рамо во реформите, бидејќи владеењето на правото е предуслов за сите реформи. Владеење на правото се обезбедува преку темелна проверка на сите политичари, судии и обвинители, без никаква толеранција и со многу посветеност“,
рекол лидерот на ДУИ.