Вчера, пак, пратеникот и претседател на Постојаната анкетна комисија Халил Снопче го обвини Џафери дека незаконски и неделовнички ја откажал седницата на оваа Комисија

Случаите со пожарот во модуларната болница во Тетово и автобуската несреќа во Бугарија сè уште се во истражна или судска постапка и затоа за нив не може да се расправа во Собранието, тврди претседателот на Собранието Талат Џафери во врска со тоа што ја откажа седницата на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓаните што претходно ја закажа нејзиниот претседател, пратеникот Халил Снопче од Алијанса за Албанците, а на чиј дневен ред беа овие два случаи.
„За двата случаја за двете точки е надлежност на други институции кои се во постапка. И едното и другото се во судска процедура во истражна процедура“,
рече денеска Џафери истакнувајќи дека обидот за нив да се расправа во парламентот е само обид за добивање политички поени.
Тој им се извини и на граѓаните, роднини на жртвите во двата настана бидејќи вели дека за политички цели се злоупотребуваат двата трагични настани.
„Им се извинувам за чувства и незараснатите рани кои се активираа да крвават повторно се со цел за дневна политика и дневно политички поени, се злоупотребуваат емоциите и потребата тие да ја знаат вистината. Ја разбирам нивната реакција и не им замерувам“,
рече Џафери.
Уште една точка на дневен ред на седницата на анкетната комисија која ја откажа претседателот на Собранието беше состојбите во Министерството за одбрана, откако за истото претставка поднел Мухаедин Бела, што Џафери го смета за неовластено со оглед дека тој е офицер во Армијата и дека како вработен не може да дава информации за состојбите во таа институција. Според претседателот на Собранието, иако лицето во јавноста се претставува како граѓанин, тој е и вработен таму и смета дека ова е и лично незадоволство на лицето бидејќи не било унапредено во повисок генералски чин.
„Талат Џафери, како човек, пратеник или претседател на Собранието, ниту штити, ниту ќе штити некого за кого надлежните органи и институции ќе констатираат дека имаат одговорност за случувањата на тие два настани“,
порача денеска Џафери.
Вчера, пак, пратеникот и претседател на Постојаната анкетна комисија Халил Снопче го обвини Џафери дека незаконски и неделовнички ја откажал седницата на оваа Комисија.
„Сметам дека ова е прв пат во историјата на нашето Собрание да од страна на претседателот на собранието да се анулира седница свикана од страна на претседател на работно тело. Имало случаи претседателот поради различни причини да свикува, но никогаш не се случил да анулира седница на работно тело“,
рече вчера Снопче.
