Докторот упатува апел и до властите, тие што се надлежни за тоа, сметот да се собира навремено за да не доаѓаме до вакви ситуации

Досега не се забележани некои заболувања што се директно поврзани со насобраниот смет во Скопје, вели докторот Драган Кочински, епидемиолог и раководител на Одделот за епидемиологија во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Сепак, тој препорачува дека треба да се внимава посебно во овој период, додека не се расчисти целосно сметот.
Кочински препорачува редовно миење на рацете по секое исфрлање смет, кое треба да биде во простор определен за тоа.
„Се препорачува често миење на рацете, посебно кога се оди да се исфрла смет. Ракавиците, сепак стојат како опција кога се исфрла сметот. Дезинфекција на рацете, да се исфрла сметот во простор определен за тоа. Да не се создаваат диви депонии. А, со тоа ќе се овозможи и да не се шират тие заболувања“,
додава тој.
Докторот упатува апел и до властите, тие што се надлежни за тоа, сметот да се собира навремено за да не доаѓаме до вакви ситуации.
Изминатиот период контејнерите во Скопје и делот околу нив беа затрупани во смет, а од ИЈЗ излегоа со препораки што важат за период кога има натрупан смет и кога треба да се внимава на сопственото здравје и на здравјето на другите.
