Со преземените активности во последните три години иако претставуваат позитивен чекор, не се постигнати посакуваните ефекти во намалување на загадувањето на воздухот. Надзорот и контролата се на ниско ниво, а сè уште многу мал дел од буџетските средства на централно и локално ниво се издвојуваат за реализирање на мерките содржани во планските документи, поради што истите во најголем дел остануваат неспроведени.
Ова го утврди Државниот завод за ревизија во ревизијата на спроведувањето на препораките од Конечниот ревизорски извештај за извршена ревизија на успешност од 2017 година, на тема „Квалитетот на воздухот“, со цел да се оцени степенот на имплементација на препораките и соодветноста на преземените мерки.
„Со ревизијата утврдивме дека од десет препораки дадени во Конечниот извештај на овластениот државен ревизор, една препорака е спроведена, три препораки се во тек на спроведување, четири препораки се делумно спроведени и две препораки не се спроведени“,
се вели во извештајот.
Недостасуваат пари, контроли, катастар на загадувачи….
Во извештајот се посочува дека со новата поставеност на Интерсекторската група за квалитет на воздух е подобрена институционалната соработка, управувањето и координирањето на централно и локално ниво, а со укинување на Комитетот за јавно здравје е избегнато преклопувањето на надлежностите на двете тела кои во претходниот период на ревизија имаа слични надлежности.
Но, проблем се и финансиите и кадровската екипираност. Во ревизорскиот извештај се посочува дека институциите кои се главни носители за креирање и спроведување на политиките за подобрување на квалитетот на воздухот на централно и локално ниво и понатаму се соочуваат со недостиг на соодветен, постојан и стручен кадар.
„Поради недоволниот административен капацитет на надлежните институции, мониторингот над имплементацијата на мерките во планските документи се врши нередовно и нецелосно, односно ад хок и по барања од засегнатите страни (ЕУ, медиуми и граѓанскиот сектор)“,
се вели во извештајот.
Понатаму, се посочува дека малиот буџет кој се издвојува за борбата против загадувањето е причина, што и понатаму просечните годишни концентрации на PM10, во голема мера ги надминуваат утврдените гранични вредности во сите мерни станици, освен станицата во Лазарополе.
„Средствата кои се издвојуваат за финансирање на мерките во планските документи на централно и локално ниво не се доволни за намалување на загадувачките супстанци. Според податоците од ДЗС, учеството на инвестициите и трошоците за заштита на воздухот во БДП во извештајниот период 2017 – 2019 година е намалено во однос на претходните години и изнесува 0,03%, а во вкупните инвестиции и трошоци за животната средина учествуваат со 2% за 2017 и 2018 година, односно 2,6% за 2019 година.“,
се вели во извештајот.
Од вкупниот број надзори во 2017, 2018 и 2019 година, се додава во извештајот, и понатаму незначителни 1% извршени се по Законот за квалитетот на амбиентниот воздух.
И понатаму, не е обезбедена целосност на податоците за Катастарот на загадувачи од причина што повеќе од 50 отсто од операторите кои поседуваат А и Б интегрирани еколошки дозволи немаат доставено податоци.
Во извештајот се додава дека иако е констатиран одреден напредок во однос на изработката на планските документи на локално ниво и понатаму најголем број на општини каде нивоата на загадувачки супстанции ги надминуваат граничните вредности немаат изготвено планови за подобрување на квалитетот на амбиентниот воздух.
Во извештајот е посочено дека во Министерството за животна средина просторно планирање во тек се проектни активности за воспоставување на Национален информативен систем за животна средина, кои треба да се реализираат до март 2021 година, што ќе обезбеди интегриран систем и пристап до податоците од повеќе медиуми (воздух, вода, почва и др).
Се додава и дека со методологијата за проценка на ризик при вршење на инспекција во животната средина, која е во тест фаза на имплементација, како и со Предлог Законот за инспекција во животната средина кој е во процедура на донесување се нудат соодветни законски решенија во однос на функционирање единствен систем на инспекција во животната средина на целата територија на РСМ.
Предложени се измени и дополнувања на Законот за квалитет на амбиентниот воздух, кои, како што пишува во извештајот, треба да овозможат преземање брзи и ефикасни мерки, лоцирање на одговорноста и соодветни казни за неспроведување на мерките предвидени во планските документи за подобрување на квалитетот на воздухот.
Препораки
Државниот завод за ревизија посочува дека проблемот со загадувањето на воздухот бара системски интегриран пристап од сите засегнати страни на подолг рок.
За надминување на утврдените состојби, од страна на ревизијата дадени се насоки за понатамошно постапување на Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина и ЕЛС за:
Зајакнување на административниот капацитет, донесување на предложените законски решенија за квалитетот на амбиентниот воздух и инспекцискиот надзор во животната средина, воспоставување на сеопфатен Национален информативен систем за животна средина и целосна база на податоци за Катастарот за животна средина, систем за подготовка и следење на планските документи и обезбедување на потребните финансиски средства за нивна реализација“,
се вели во извештајот.