Во интервју за МИА, во врска со т.н. ветинг на правосудството, министерот за правда вели дека ќе се проверува кој, како и кога постапувал или не постапувал по предмети, пред сè за висока корупција
Филтрацијата на судството и обвинителството е врвен приоритет за Министерството за правда и за Владата во целина. Очекуваме ова да биде голем чекор кон конечното враќање на довербата што граѓаните ја имаа изгубено во правната држава. Ќе се проверува кој, како и кога постапувал или не постапувал по предмети, пред сè за висока корупција и организиран криминал, вели во интервју за МИА, министерот за правда Бојан Маричиќ.
Зборувајќи за екстрадицијата на поранешниот премиер Никола Груевски, Маричиќ посочува дека досега државата презема сè што е во нејзина моќ да добие екстрадиција на Груевски назад во земјата. Потсетува дека за Груевски се поднесени две барања за екстрадиција, на 20.11.2018 година и на 13.6.2019 година, и дека од екстрадицијата не се откажуваат и ќе продолжат активно да работат со цел негово враќање дома.
Министерството за правда редовно доставува барања за екстрадиција за сите сторители на кривични дела, за оние што се во постапка, а се во бегство. За некои од нив досега неколкупати е побарана екстрадиција, но каков е одговорот на овие барања?
„Барањата за екстрадиција се постапки со странски држави кои секогаш го имаат последниот збор во поглед на екстрадицијата. Одговорите или причините за одбивање се секогаш различни – некогаш сторителот не може да биде лоциран, некогаш се одлучува да не се екстрадира, некогаш постапката продолжува и се бараат дополнителни материјали. Наше е никогаш да не се откажеме да го исполниме барањето на правосудните органи сторителите на кривични дела да бидат донесени во Северна Македонија и сме во постојана комуникација за сите предмети кои се во тек“,
одговара Маричиќ во интервјуто за МИА
Неодамна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека поранешниот премиер Никола Груевски ќе се врати и ќе ја одлежи казната за „Тенк“. Груевски избега во Унгарија, доби политички азил, како би можел да се врати во земјава и дали некој ќе ја сноси одговорноста за неговото бегство?
„Треба да знаете дека досега државата презема сè што е во нејзина моќ да добие екстрадиција на Груевски назад во земјата. Државата не е лимитирана во однос на тоа колку пати може да побара на екстрадиција на лицата кои се во бегство. Одлуката на Уставниот суд да ја прогласи за уставна одлуката за повлекување на аболицијата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов е нов момент во овие случаи. За поранешниот премиер досега се поднесени две барања за екстрадиција, едно на 20.11.2018 година и друго на 13.6.2019 година. Од екстрадицијата не се откажуваме и ќе продолжиме активно да работиме со цел враќање на Груевски дома“,
вели министерот за правда.
Маричиќ најави дека до крајот на март ќе бидат опремени 10 судници во пет основни суда во земјата за одржување онлајн судења.
„Прашањето за дигитализација не е дали, туку кога, а пандемијата е само своевиден катализатор на потребата од овој процес“,
вели министерот за правда и додава дека оваа година ќе се интензивира работата за внесување на потребните одредби во законските решенија, а дополнително ќе се работи на обезбедување на потребната опрема и кадар за непречено одвивање на процесот.