Германскиот канцелар, вели Ковачевски, ги повтори тие гаранции кои веќе стојат во преговарачката рамка. Други услови не може да има во преговарачката рамка и затоа ЕУ го направи она што требаше да го направи. Она што ние треба да го направиме верувам дека ќе го направиме и потоа продолжува процесот на отворање на поглавјата и сите реформи што следуваат
Во секое поглавје, секоја држава, согласно со копенхашките критериуми, може да даде забелешки во однос на реформите и напредокот. Другите прашања кои се од билатерална природа се решени во билатералниот договор со Бугарија, вели Ковачевски

Не постојат дополнителни услови во преговарачката рамка за пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ, изјави денеска во Берлин пред македонските медиуми премиерот Димитар Ковачевски. Неговата изјава доаѓа по синоќешната прес-конференција што ја имаше со германскиот канцелар Олаф Шолц, а на која канцеларот рече дека тој гарантира оти не треба да има нови условувања за Северна Македонија на патот кон ЕУ.
Ковачевски прашан за тоа дали Шолц му кажал кои се гаранциите што тој ги дава, не давајќи конкретен одговор, рече дека на самит на ЕУ се постигнува консензус помеѓу сите 27 земји членки и преговарачката рамка е резултат токму на таков консензус.
Пораката на германскиот канцелар Шолц, според Ковачевски, била исклучително јасна дека Германија останува еден од најпосветените партнери, кој им дава најголема и најсилна поддршка на земјите од Западен Балкан.
„Канцеларот беше многу јасен дека Германија стои зад нас и дека она што е договорено со 27-те земји членки на ЕУ и е дел од преговарачката рамка, практично е она до што се придржуваат земјите членки и на ЕУ“,
изјави Ковачевски.
Ковачевски рече дека на прес-конференцијата се заблагодарил на поддршката и на активното учество на германскиот канцелар при финализирањето на преговарачката рамка.
„Таа преговарачка рамка има многу јасни одредби, а тоа е дека на 19 јули ќе биде одржана првата меѓувладина конференција, дека ќе биде потпишан договорот за Фронтекс, дека втората меѓувладина конференција ќе биде одржана без никаква дополнителна одлука по спроведувањето на уставните измени и завршувањето на скрининг-процесот. Германскиот канцелар ги повтори тие гаранции кои веќе стојат во преговарачката рамка. Други услови не може да има во преговарачката рамка и затоа она што ЕУ требаше да го направи, го направи. Она што ние треба да го направиме верувам дека ќе го направиме и потоа продолжува процесот на отворање на поглавјата и сите реформи кои следуваат“,
рече Ковачевски.
Но, според него, во секое поглавје, секоја држава, согласно со копенхашките критериуми, може да даде забелешки во однос на реформите и напредокот и тоа да биде исполнето во рамки на стандардите кои владеат во ЕУ. Како поглавје каде што може да има забелешки ја посочи заштитата на животната средина, што е еден од критериумите во пристапувањето во ЕУ давајќи пример дека може да има реакции за тоа оти реката Вардар е најзагадена река во Европа.
„Други прашања кои се од билатерална природа се решени во билатералниот договор со Бугарија. За овој договор постои институционална соработка помеѓу министерствата за надворешни работи, за таа цел е формирана и историската комисија која работи без влијанија и учество на политиката и како што ги носат своите одлуки така тие на реципрочна основа ќе бидат и имплементирани меѓутоа тие не влијаат на процесот на интеграција во ЕУ“,
додаде Ковачевски.
„Како што може Северна Македонија да направи патоказ за малцински права не може ниту една држава“
На прашањето дека од Шолц се добиени гаранции дека не може да има дополнителни услови во преговарачката рамка, но нема гаранција дека Бугарија нема да каже „да“ за акцискиот план за правата за малцинствата, што е услов за да се одржи втората меѓувладина конференција, Ковачевски рече дека како што може да направи Северна Македонија патоказ за малцински права не може да направи ниту една држава.
„Ако го споредите нашето законодавство и начинот на кој се уредени малцинските права, особено после Рамковниот договор, не постои земја која ги има уредено на таков начин. Значи, користење јазици, институции за заштита на користење јазици, право на користење најразлични услуги во општините или на државно ниво. Тоа е уредено на врвно ниво“,
рече Ковачевски.

Дополнително на тоа, додаде Ковачевски, во текот на скринингот се изготвуваат три патокази, од кои едниот е патоказ за правата на сите малцинства. Сметам, рече Ковачевски, дека тоа е еден од патоказите со кои ние на најдобар начин ќе покажеме дека сме врвно мултиетничко, мултикултурно општество, што практично е Европа во мало, во една држава.
„Кога ќе се прави патоказот, сите ќе сфатат дека најголемиот дел од работите веќе се имплементирани во нашето општество. Јас повеќе би имал фокус на други реформи во нашето општество кои се потребни, а ќе значат унапредување на владеењето на правото, на борба против криминалот и корупцијата и владеењето на демократијата“,
додаде Ковачевски.
Премиерот посочи дека била изразена и германската поддршка во однос на гласањето на уставните измени за вклучување на други делови на народи, вклучително и на бугарскиот народ во Преамбулата на нашиот Устав.
„Тоа е одлука што треба да се донесе до завршување на скринингот со цел процесот да не застане и да може Северна Македонија непречено да ги продолжи отворањата на поглавјата и реформите што ќе следуваат, за што повторно ќе бидат потребни две третини во Собранието во делот на реформата на правосудството, јавната администрација, медиумите. Сè се тоа закони што се менуваат со двотретинско мнозинство. Затоа велам дека овој тип гласање и реформи не треба да бидат дел од дневно политичка дебата“,
рече Ковачевски.
Според Ковачевски, Бугарија треба да покаже на сите нивоа на своето политичко дејствување дека се залага за интеграција на целиот регион на Западен Балкан во Европската Унија. Верувам, вели тој, дека за тоа се залагаат и сите партии коишто се во коалициската влада во Бугарија.
Ковачевски рече дека очекува соработката да продолжи во насока на тоа што го покажа владата на Кирил Петков во последните денови со гласањето на резолуцијата во бугарското собрание и посочи дека практично тие партии сега се дел од коалициската влада во Бугарија, која сега има ротациски премиер на девет месеци.
„Сметам дека соработката треба да продолжи во таа насока“,
изјави Ковачевски.
Кирил Петков, подвлече Ковачевски, е човек со кого најдовме заеднички јазик минатата година за одблокирање на патот на земјата во интеграциите во ЕУ.
„Тој е претседателот на партијата ПП во Бугарија. Се работи за еден авангарден политичар, кој сака да зборува за иднината, нови технологии, унапредување на транспортот и соработката меѓу земјите и тоа се темите на коишто треба да ја градиме нашата соработка како соседни држави“,
изјави Ковачевски.
Прашан што очекува и дали се планирани средби со новата влада во Бугарија, Ковачевски рече дека имал телефонски разговор со новиот бугарски премиер Николај Денков и дека очекува да се види со него на Самитот на НАТО во Вилнус.
„Веројатно ќе се видиме со бугарскиот премиер на Самитот на НАТО во Вилнус бидејќи јас ќе ја предводам нашата делегација. Не знам точно кој ќе ја предводи бугарската. Меѓутоа секако дека ќе се видиме“,
изјави Ковачевски.