Официјалното објаснување за нивното отсуство од синоќешниот партиски состанок е дека имале други обврски, а Таравари е убеден дека ќе му останат верни. Но, тие самите во изјави за „360 степени“ се со неодредени одговори

Отсуството на вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи и на пратеникот Салим Сулејмани од партискиот состанок по кој лидерот Арбен Таравари објави излегување на Алијанса за Албанците од владејачката коалиција, отвори дилеми дали тие му го вртат грбот на Таравари или остануваат со него.
Официјалното објаснување за нивното отсуство е дека имале други обврски, а Таравари е убеден дека ќе му останат верни. Но, тие самите во изјави за „360 степени“ ниту го потврдуваат ниту го негираат тоа.
По синоќешниот состанок во Тетово, лидерот Таравари за отсуството на својот партиски и владин колега Фетаи рече дека е оправдано, односно дека е на пат.
„Со Арбен Фетаи вчера се видовме, а денеска се слушнавме. Тој е на пат. Океј сме“,
рече синоќа Таравари.
Денеска коментар на сомнежите во јавноста побаравме од вицепремиерот Фетаи кој во телефонски разговор остана со неодреден одговор.
„Не можам да коментирам сега, ќе видиме“,
рече Фетаи во изјава за „360 степени“.
На дополнително прашање кога ќе се знае конечниот исход, Фетаи го повтори истиот одговор.
Но, синоќа на состанокот на АА во седиштето на партијата во Тетово, освен Фетаи, не беше присутен и еден од пратениците на Алијанса за Албанците на Таравари, Салим Сулејмани.
Таравари и за неговото отсуство имаше одговор.
„Со Салим денеска бевме на ручек, но поради семејни проблеми замина за Струга“,
рече тој.
Денеска неговото отсуство во јавноста добива друга конотација, исто како и за неговиот партиски колега Фетаи.
И од Сулејмани побаравме одговор зошто вчера не присуствувал на состанокот и дали тоа значи дека го напушта крилото на АА на Таравари и останува со ВЛЕН.
На нашите прашања тој единствено се заблагодари и рече дека е зафатен.
Останатите пратеници од владејачкото мнозинство, а кои се дел од крилото на Алијанса за Албанците, можеше да се забележат на синоќешната прес-конференција на која Таравари соопшти дека едногласно донеле одлука да заминат во опозиција.
Засега нема прецизни информации дали Министерството за здравство ќе остане кај ВЛЕН или, пак, ќе има рокада на ресори во владата.
Она што засега премиерот Христијан Мицкоски, како и другите лидери во ВЛЕН го тврдат е дека владејачкото мнозинство е стабилно.
По конечната одлука на Таравари за напуштање на Владата, се огласи неговиот доскорешен коалициски колега, лидерот на Демократско движење, Изет Меџити. Тој во објава на Фејсбук напиша „Таравари не ја напуштил Владата, туку ја предал“ и го оцени неговото заминување како разочарување за сите Албанци кои гласале за промени.
Вчера и лидерот на движењето Беса, кое исто така е дел од коалицијата ВЛЕН, Биљал Касами, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 го коментираше заминувањето на Таравари од Владата. Прашан дали владата може политички да опстои ако со напуштањето на Арбен Таравари останат да ја поддржуваат само девет од вкупно 30 пратеници Албанци, Касами рече дека кога некој ќе излезе од коалицијата се отвора можноста повеќемина други да влезат.
Касами тврди дека наскоро, можеби уште во текот на оваа недела, ќе се зголеми бројот на пратеници кои ќе мигрираат во владејачкото мнозинство. Прашан дали овие пратеници доаѓаат од структурата на Арбен Таравари или се дел од „Европски фронт“, тој вели – од двата табора. Тој не исклучи рокада на ресори во владата нагласувајќи дека Здравство го добиле зашто се знаело дека Таравари сака да биде министер во тој ресор.