„Се надевам дека екипите на ЕВН ќе можат сетирањето да го направат во најбрз можен рок зашто се работи за нешто што мора дистрибутерот да го направи на терен. Тие имаат екипи, имаат знаење и стручност, се работи за реномирана австриска компанија и сметам дека тоа ќе го направат на задоволството на граѓаните“, вели премиерот

Премиерот Димитар Ковачевски не очекува зголемување на цената на електричната енергија, особено за 90 проценти од граѓаните кои се во првиот и во вториот блок и кои трошат, како што вели тој, нормални количини електрична енергија што му се потребни на едно домаќинство.
Сепак, Ковачевски вели дека финалниот збор, согласно законските надлежности, го има Регулаторната комисија за енергетика.
Цената на сметките за електрична енергија, посочи премиерот, не зависи само од електричната енергија која дистрибутерот ја обебедува од ЕСМ, туку и од други ценовни елементи.
„А финалната цена на електричната енергија ја кажува Регулаторната комсија за енергетика, каде што се калкулираат и маржите на секој од играчите на пазарот, на преносниот систем, на загубите итн“,
рече денеска Ковачевски по средбата со претставници од здруженија на пензионери, а одговарајќи на новинарско прашање за колку ќе поскапи струјата.
Од денеска за над 170 илјади домаќинства или за една третина од околу 700 илјади домаќинства во државава, кои имаат дигитални броила, почнува евтината тарифа на електрична енергија од 13 до 15 часот. Останатите треба да почекаат да им бидат адаптирани броилата.
Ковачевски го повика ЕВН, како дистрибутер на електрична енергија, да ја направи во најбрз рок замената на обични во дигитални броила и очекува тоа и да се случи поради стручноста на компанијата која, како што рече, успешно се справила и со енергетската криза минатата зима.
„Се надевам дека екипите на ЕВН ќе можат сетирањето да го направат во најбрз можен рок зашто се работи за нешто што мора дистрибутерот да го направи на терен. Тие имаат екипи, имаат знаење и стручност, се работи за реномирана австриска компанија и сметам дека тоа ќе го направат на задоволството на граѓаните“,
рече премиерот.
Ковачевски нагласи и дека воведувањето евтина дневна тарифа потврдува дека „дава резултати стратегијата на Владата за инсталирање на што повеќе обновливи извори на енергија“.
„Само во мандатот на мојата Влада, во државата се инсталирани 600 мегавати обновливи извори на енергија доминантно од сонце, која овозможува во текот на дневните часови, доминантно од 13 до 15 часот, да има електрична енергија којашто е поевтина од базната енергија која се произведува. Тоа овоможува сега да имаме евтина тарифа во текот на дневните часови која на граѓаните им заштедува над илјада денари месечно во нивниот буџет за сметките за струја. Упатувам апел и поттик до ЕВН побрзо да ја направат адаптацијата на броилата. Тие имаат знаење и стручност, се покажаа во време на најголемата енергетска криза во минатата зима како компанија дека можат да се носат со предизвиците и верувам дека тоа ќе го направат“,
истакна Ковачевски.
Прашањето до Ковачевски за тоа за колку ќе поскапи струјата доаѓа откако ЕСМ на тендер на Универзалниот снабдувач, „ЕВН хоум“, му понуди цена од 57 евра за мегават-час. По оваа цена, во првите шест месеци од наредната година, државните електрани ќе ја продаваат својата електрична енергија за потребите на домаќинствата и малите потрошувачи. Цената што ја понуди ЕСМ е за 7,5 отсто повисока од сегашната која изнесува 53 отсто и која беше добиена во јуни годинава. ЕСМ за цената од 57 евра за мегават-час ќе покрива 95 отсто од вкупно планираните количини.
За покривање на останатите пет отсто од вкупно планираните количини, „ЕВН хоум“ добила најповолна понуда од ЕСМ, со купопродажна цена на електрична енергија од 120,01 евра за мегават-час. Освен ЕСМ, на тендерот учествувале и „Соле24 ДООЕЛ“.
За покривање на загубите на електрична енергија, „Електродистрибуција“ добила најповолна понуда од ЕСМ, и тоа по цена од 105 евра за мегават-час. Претходно оваа цена изнесуваше 100 евра за мегават-час.