„Имаме намера да ги следиме нашите интереси, имаме намера да ги обезбедиме нашите интереси и да ги исполниме задачите што си ги поставивме од самиот почеток“, рече денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во изјава за медиумите

Кремљ го прифати предлогот на Киев за нова, трета по ред, рунда директни руско-украински мировни преговори што ќе се одржат во Истанбул, но вели дека нема причина да се очекуваат чуда од разговорите.
За потсетување, украинскиот претседател Володимир Зеленски во саботата изјави дека Киев ѝ испратил на Москва понуда да одржи уште една рунда мировни преговори во Турција оваа недела и дека сака да ги забрза преговорите за прекин на огнот.
„Нема причина да се очекува каков било напредок кој бил во категоријата чуда, тоа е тешко возможно во сегашната ситуација. Имаме намера да ги следиме нашите интереси, имаме намера да ги обезбедиме нашите интереси и да ги исполниме задачите што си ги поставивме од самиот почеток“,
рече денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во изјава за медиумите.
Прашан дали може да даде какви било индиции за тоа како Кремљ гледа на потенцијална временска рамка за евентуален мировен договор, Песков рече дека не може да даде никакви временски одредници.
„Има многу работа што треба да се направи пред да можеме да разговараме за можноста за состаноци на високо ниво“,
додаде Песков, еден ден откако Зеленски ја обнови поканата за средба со рускиот претседател Владимир Путин.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски најави дека новата рудна директни преговори меѓу Украина и Русија ќе се одржи утре (23 јули) во Истанбул, Турција.
Украинскиот тим, како што рече Зеленски, ќе го предводи поранешниот министер за одбрана на земјата Рустем Умеров кој денеска се сретна со украинскиот претседател за да разговараат за клучните цели на преговорите, пренесе „Гардијан“.
Инаку, Умеров сега е назначен да го води Советот за национална безбедност и одбрана како дел од пошироката реконструкција на украинската влада. На разговорите во Истанбул нему ќе му се придружат претстаници на украинското разузнавање, на Министерството за надворешни работи на земјата и на кабинетот на претседателот.
„Нашата позиција е што е можно потранспарентна. Украина никогаш не ја сакаше оваа војна и Русија е таа што мора да ја заврши војната што самата ја започна“,
изјави Зеленски.
Во меѓувреме, Министерството за надворешни работи на Украина објави дека најмалку десет лица се повредени во 42 руски напади со беспилотни летала во текот на мината ноќ, само неколку часа откако двете земји се согласија да се сретна на преговори утре во Истанбул.

Според информациите, во дел од нападите е погодена станбена зграда во Краматорск и локации во Славјанск, Суми и Одеса.
„Уште една ноќ на руски терор. Русија мора да биде запрена со посилен притисок и построги санкции. Без решителна акција, нападите врз цивилите само ќе продолжат“,
соопштија од Министерството.
Последната рунда директни разговори меѓу Украина и Русија се одржа во Истанбул на 2 јуни, по претходната средба на 16 мај, која се случи по повеќе од три години без преговори.