Нема информација колку лица наседнале, но веројатно има такви кои поради невнимание биле жртви на измамничките сајтови кои се појавуваат при интернет пребарувањето на ПЛФ образецот неопходен за влез во Грција.
Сите оние кои сакаат да патуваат кај нашиот јужен сосед имаат обврска најдоцна еден ден пред да пристигнат на грчката граница да го пополнат ПЛФ (Passenger Locator Form) образецот. Пополнетиот ПЛФ формулар се смета за неопходен патнички документ за секој вид на влез во Хеленската Република.

Образецот е поставен на официјалниот сајт на грчката влада travel.gov.gr , но доколку се обидете да го пронајдете на пребарувачот на Гугл и напишете „plf greece“, првите неколку резултати кои се појавуваат во пребарувачот им припаѓаат на измамнички сајтови кои нудат услуга за да Ви ги пополнат образецот и за тоа наплаќаат по 35 долари. Тие на пребарувачот имаат и платен оглас за да ги крене на првите неколку позиции при пребарувањето за да може да ги доведе во заблуда сите невнимателни кои ќе ги кликнат линковите за да ги отворат.
Сајтовите се слични, иако е воочлива разликата во домените, бидејќи тие ја намаат наставката гов. гр која е карактеристичка за сите официјални сајтови на грчката влада. Освен тоа, на сајтовите, наместо ПЛФ образец пишува ПФЛ.

ПЛФ формуларот е бесплатен и неговото пополнување е едноставно. Во него се вметнуваат лични податоци за патниците кои имаат намера да влезат во Грција. Штом се пополни, на вашата електронска адреса стасува потврден мејл дека барањето е поднесено и известување дека образецот со QR кодот ќе ги добиете на денот кога ќе треба да пристигнете во Грција. Има информации дека деновиве обрасците со QR кодот стигнувале и порано.