На дополнителното прашање што ќе се случи ако во следниот период Коцевски даде оставка, Мицкоски рече дека во тој случај се влегува повторно во лавиринт, односно дека поради законските ограничувања не може да се избере нов државен јавен обвинител
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека правните ограничувања во предизборниот период го блокираат процесот за преземање конкретни чекори за продолжување на постапката за разрешување на републичкиот јавен обвинител Љубомир Коцевски, кому пред неколку дена му е изгласана недоверба во Собранието.
Овој одговор го даде премиерот на новинарско прашање при посетата на реконструираната Клиника за уво, нос и грло во Скопје, за тоа кои се чекорите што ќе ги преземе Владата ако Коцевски не поднесе оставка и покрај изгласаната интерпелација за неговата работа во Собранието.

Според него, Коцевски продолжува да биде лојален на оние што претходно му дадоа поддршка, а тоа е коалицијата ДУИ-СДСМ.
„Опозицијата ме обвинуваше дека сум бил во некаква коалиција со него, дека сум диктирал обвиненија, дека сум опструирал обвинителни процеси. За неколку минути сето тоа се демантираше. Видовте кои го поддржаа при гласањето, тоа беше поранешната влада, пратениците од ДУИ, кои ме обвинуваа дека соработувам со него, при неговите етноцентрични одлуки со фокус на ужасната трагедија во Кочани. Видовте каква е вистината, дека тој практично е се уште лојален на оние што претходно му дадоа поддршка, а тоа е коалицијата ДУИ-СДСМ“,
кажа Мицкоски.
Владата во овој период, како што рече премиерот, нема правна можност да преземе конкретни чекори за продолжување на процесот за разрешување на Коцевски.
„Сега и да сакаме не можеме да преземеме ништо, бидејќи влегуваме во процес на распишани избори. Изборите веројатно ќе се распишат кон крајот на следната недела. Така што сите процеси за избор и именувања поради ограничувањата на законот ќе бидат стопирани. Од ноември ќе продолжиме со тој процес таму каде што застанавме“,
рече премиерот.
На дополнителното прашање што ќе се случи ако во следниот период Коцевски даде оставка, Мицкоски рече дека во тој случај се влегува повторно во лавиринт, односно дека поради законските ограничувања не може да се избере нов државен јавен обвинител.
„Ние можеме да избереме, но ќе биде спротивно на закон. Затоа таму има заменици, кои ќе ја заменуваат работата на јавниот обвините се додека не биде избран нов. Истото важи и за другите институции, не само за јавниот обвинител“,
вели тој.
Пратениците на 29 јули со 71 глас „за“ ја изгласаа интерпелацијата за работата на Коцевски, која ја поднесе опозициската Левица.
Коцевски во интервју за „Вечер“ изјави дека нема да поднесе оставка, туку дека уште поревносно ќе се посвети на работата, особено за неколкуте големи случаи по кои се постапува како „Онкологија“ и „Пулс“, за кои вели дека постојат многу цврсти докази.
Кон крајот на март годинава, премиерот Христијан Мицкоски најави дека Владата ќе ја запре постапката за разрешување на Коцевски, која беше покрената во февруари, непосредно пред трагедијата во Кочани. Мицкоски тогаш изјави дека постапката треба да остане во фазата во која се наоѓа во моментот поради настанатата трагедија и дека на 11-члениот обвинителски тим треба да му се даде шанса да работи на истрагата.