„Ве молам да дозволите, неколку дена веќе работиме тимски. Министерството за образование и наука, Министерството за здравство и Министерството за социјала, демографија и млади го решаваат проблемот. Дозволете неколку дена да дојдеме до најсоодветното решение. Предвидуваме подлабоки и посериозни активности и постапки што ќе бидат во корист на детето и решавање на целиот случај“, рече денеска министерката за образование
Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска ја замоли јавноста да им даде на институциите неколку дена за да го решат случајот со третоодделенецот од Основното училиште „Лазо Ангеловски“ во Скопје, кој требаше да биде префрлен во училиштето „11 Октомври“. Посочи дека со тоа што во јавноста се врши притосок се прави стигматизација на ученикот.

„Ве молам да дозволите, неколку дена веќе работиме тимски. Министерството за образование и наука, Министерството за здравство и Министерството за социјала, демографија и млади го решаваат проблемот. Дозволете неколку дена да дојдеме до најсоодветното решение. Предвидуваме подлабоки и посериозни активности и постапки што ќе бидат во корист на детето и решавање на целиот случај“,
рече министерката одговарајќи на новинарско прашање дали имаат решение на случајот, бидејќи и денеска учениците во ОУ „Лазо Ангеловски“ не ја посетуваат наставата.
Јаневска додаде дека додека не го решат случајот нема понатаму да го коментираат.
„Не може целата македонска јавност да го стигматизира детето. Дајте ни време, ќе го решиме случајот“,
вели таа.
Третоодделенецот, од чие однесување се жалат родители од ОУ „Лазо Ангеловски“ во Ново Лисиче, требаше да биде префрлен во ОУ „11 Октомври“ во Центар.
Тогаш родителите на учениците од „11 Октомври“ ја бојкотираа наставата, а по повлекување на одлуката и негово враќање во „Лазо Ангеловски“, денеска и вчера празно остана и ова училиште.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска пред два дена изјави дека случајот добил преголема, непотребна и донекаде, како што рече, неправедна јавност, обем и јавна дискусија.