Двајцата потврдени случаи само лабораториски, имаат оскудна епидемиолошка анкета и не може со 100% сигурност да се тврди дека не патувале или немале контакт со некој што патувал или бил претходно, затоа што со едниот воопшто нема комуникација, а другиот дава различни верзии, вели Цана
Здравствената состојба на пациентот со мајмунски сипаници хоспитализиран на Инфективната клиника е добра, а за вториот случај нема доволно информации бидејќи не ја посетил амбулантата на клиниката, вели директорот на Клиниката за инфективни болести, Фадил Цана. Во изјава за ТВ Телма, Цана посочува дека и покрај епидемиолошките анкети со заболените, не може со сигурност да се утврди дека станува збор за автохтони случаи.
„Двајцата потврдени случаи само лабораториски имаат оскудна епидемиолошка анкета и не може со 100% сигурност да се тврди дека не патувале или немале контакт со некој што патувал или бил претходно, затоа што со едниот воопшто нема комуникација, а другиот дава различни верзии. Не може со сигурност да се каже дека е автохтон случај,“
вели Фадил Цана, директор на Инфективната клиника.
Од Институтот за јавно здравје денеска информираа дека контактите на заболените со мајмунски сипаници засега немаат никакви симптоми и дека нема нови сомнителсни случаи. Ризикот за ширење на оваа болест, како што соопштија од ИЈЗ засега останува низок.
Двајцата заразени пациенти со мајмунски сипаници се мажи од Скопје на возраст од 44 и 40 години. Двата случаи, како што рекоа од ИЈЗ, не се поврзани. Самоизолација и здравствен надзор е препораката што вчера Комисијата за заразни болести ја даде за двете заразени лица.
Од Комисијата за заразни болести упатија апел до граѓаните да ги почитуваат хигиенските мерки за лична заштита од заразни болести.