Вучиќ вели дека освен со Хрка разговарал и со Угљеша Мрдиќ, кој единаесетти ден штрајкува со глад пред српското Собрание

Дијана Хрка, мајката на Стефан Хрка, кој почина при падот на натстрешницата на железничката станица во Нови Сад, штрајкува со глад деветти ден.
По најавите на српскиот претседател Александар Вучиќ од пред два дена, кога рече дека е подготвен да разговара со неа, денеска тој објави оти утринава имале телефонски разговор со Хрка.
Вучиќ вели дека освен со неа разговарал и со Угљеша Мрдиќ, кој единаесетти ден штрајкува со глад пред српското Собрание.
„Ги замолив да го прекинат штрајкот со глад и ја поканив Хрка во претседателството на состанок. Сите добри луѓе во Србија се загрижени за нивното здравје и се молам и се надевам дека ќе донесат одлука за прекин на штрајкот“,
напиша Вучиќ на Инстаграм.
Од српскиот медиум „Н1“ велат дека не успеале да добијат потврда од Дијана Хрка дека разговарала со Вучиќ по телефон, бидејќи таа е во шаторот со доктор кој ја прегледува.
Во изјава, пак, за агенцијата ФоНет, Хрка вели дека не се чувствува добро и дека не е во позиција да коментира за објавата на српскиот претседател Александар Вучиќ дека тој разговарал со неа по телефон утрово.
„Не можам да зборувам за тоа сега. Моментално лежам и не сум баш добро“,
изјави Дијана Хрка за агенцијата ФоНет, со барање да ја контактираат подоцна.
Претходно денеска, Хрка изјави дека нема да го прекине штрајкот со глад додека институциите не почнат да си ја работат својата работа.
Веќе деветти ден Хрка штрајкува со глад во близина на српскиот парламент, во шатор на улица и спие на палети бидејќи кога го започна штрајкот не ѝ дозволија да се приближи до зградата на Народното собрание, каде што имаше намера да штрајкува. Тој дел е обезбеден од полицијата. Мајката на Стефан Хрка бара кривично гонење на одговорните за трагедијата во Нови Сад, ослободување на сите притворени студенти и распишување вонредни парламентарни избори.
Дијана Хрка го започна штрајкот со глад на 2 ноември, по комеморативниот собир еден ден претходно во Нови Сад, одржан по повод годишнината од падот на бетонската натстрешница на железничката станица во Нови Сад и загинувањето на 16 лица.
