Станува збор за договор за ископ на јаглен и јаловина во Брод-Гнеотино (РЕК „Битола“) во износ од 28 милиони евра, во кој носител на набавката е релативно малата компанија „Топлина“ од охридско Подмоље чии подизведувачи се и фирми гиганти

Наша обврска е да ги детектираме потребите на АД ЕСМ и да ги артикулираме преку јавни набавки согласно законските прописи, каде што ќе побараме економските оператори да ги исполнат условите, одговори генералниот директор на АД ЕСМ, Лазо Узунчев, прашан да ја коментира (не)логичноста на случајот во кој релативно малата компанија „Топлина“ од охриското село Подмоље е носител на набавка за ископ на јаглен во вредност од 28 милиони евра, а за подизведувачи има фирми гиганти.
„Ние не смееме да навлегуваме во такви анализи ниту, пак, ги перципираме нашите добавувачи на мали, големи или средни. Она што е наша обврска е да ги детектираме нашите потреби и да ги артикулираме преку јавни набавки согласно Законот за јавни набавки, каде што ќе побараме економските оператори да ги исполнат нашите услови. Зашто компанија влегла во аранжман да се јави како главен носител, а зад неа стојат субјекти коишто декларативно се поголеми, најверојатно ќе треба да се обратите до нив бидејќи ние не сме тие коишто можеме да влијаеме на тие процеси“,
вели директорот Узунчев.
Според него, иако договорот истекува оваа недела (на 9 април), тој финансиски не е исцрпен и ќе биде склучен анекс за преостанатите 18%. Подизведувачи на „Топлина“ се „Гранит“, „Илинден“ од Струга, „Топ билд“ од Скопје и „Градба-промет“ од Кавадарци.
„360 степени“ го анализираше овој договор во април минатата година и повеќе може да прочитате и да видите на линкот во продолжение.
Во однос на тековната јавна набавка за Брод-Гнеотино, Узунчев вели дека е распишана бидејќи се соочуваат со проблем со основната и помошната механизација и оти не се во можност самостојно за да ги реализираат плановите согласно дополнителните рударски проекти за ископ на јаловина, па затоа треба да ангажираат надворешен оператор кој за потребите на АД ЕСМ ќе ги копа тие количина на јаловина.
Новиот оператор би бил дополнителна „помош“ на конзорциумот „Топлина“ во друго откопно поле и е суплемент на она што сега го имаат во веќе постојниот договор, вели директорот.
Во однос на критиките од Левица за тоа што компаниите РУД-КОП, за која има обвинение за местен тендер за ископ на јаловина во РЕК „Битола“ и „Пуцко петрол“, чиј сопственик е опфатен со истрага за набавка на мазут за ТЕЦ „Неготино“, се добитници на тендери од ЕСМ, директорот одговара:
„Нема потреба да го објаснувам бидејќи, верувајте ми, ние никако не смееме да се однесуваме надвор од Законот за јавни набавки. Законот за јавни набавки точно нè насочува како да постапуваме при секој јавен тендер, во услови кога понуда ќе достави која било компанија, а притоа ги исполнува сите услови и ја дава најевтината цена“.
