Не можеме да се движиме во групи, не можеме да возиме брзо со кола, мора да сме спремни да застанеме и да покажеме што имаме во нашиот автомобил, раскажува жителка на овој украински град
Во Херсон денеска е тивко. Исто како и вчера, а претходно имаше борби и експлозии, вака жителка на овој украински град за Би-би-си раскажува за ситуацијата во овој клучен пристаништен град на југот од земјата откако тој падна под руска контрола.
„Вчера никој не излезе од своите домови затоа што беше премногу опасно, но денес луѓето излегуваат и се обидуваат да купат храна“,
раскажува Украинката Нина, чиј целосен идентитет Би-би-си одлучил да не го објави јавно.
Според нејзиното сведоштво, иако во градот е мирно, од периферијата сè уште се слуша дека се одвиваат борби.
„Имаме нови правила што треба да ги следиме. Тие се согласија со нашата влада дека не треба да ги провоцираме руските војници. Не можеме да се движиме во групи, не можеме да возиме брзо со кола. Мора да сме спремни да застанеме и да покажеме што имаме во нашиот автомобил и да не провоцираме никого“,
раскажува Нина.
Жители, сведочи таа, сега имаат вода, струја и интернет, а очекуваат дека ќе добијат и помош со медицинска опрема.
„Се надевам дека нема да треба премногу време и дека ќе бидеме добро. Сите обични луѓе се против војната, против борбите, но не можеме ништо да направи“,
вели Украинката.