„Ова не е време за седење на две столчиња“, изјави хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ одговарајќи на прашање во врска со откажување на посетата на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров на Белград, бидејќи Бугарија, Северна Македонија и Црна Гора го затворија својот воздушен простор за авионот што би го превезувал. Пленковиќ додаде оти Србија мора да биде внимателна какви избори прави и чија страна зазема

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денеска изјави дека Србија мора да внимава чија страна зазема доколку има амбиции за влез во Европската Унија.
„Ова не е време за седење на две столчиња“,
изјави Пленковиќ на новинарите во Загреб.
Одговарајќи на прашањето за откажување на посетата на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров на Белград, бидејќи Бугарија, Северна Македонија и Црна Гора го затворија својот воздушен простор за авионот што би го превезувал министерот за надворешни работи на Русија, Пленковиќ кажа оти Србија мора да биде внимателна чија страна избира.
„Тоа нема никаква врска со нас, тоа е работа меѓу Русија и Србија. Србија мора да биде многу внимателна чија страна избира и држи, доколку има амбиции да влезе во ЕУ“,
нагласи хрватскиот премиер.
Во меѓувреме, пак, рускиот амбасадор во Белград, Александар Боцан Харченко, изјави дека статусот на Србија како кандидат за членство во ЕУ апсолутно не е пречка за развојот на билатералните односи доколку Белград ја спроведува политиката што ја води сега, додавајќи дека воведувањето санкции кон Русија може да и наштети на српската економија и на социјалната сфера
Наведувајќи ги причините поради кои смета дека Белград нема да воведе санкции кон Русија, амбасадорот го кажа официјалниот став на српскиот претседател Александар Вучиќ, впечатокот од личните контакти со него и мислењето на апсолутното мнозинство српски граѓани.
„Истовремено, во Србија има се поголемо разбирање дека е неопходно поактивно да се спротивстави на западниот притисок не само во економската сфера, туку и во политичките и меѓународните работи, на меѓународните платформи“,
рече рускиот амбасадор.