Мекачи додаде дека нивните активности се почнати подолг период пред денот на изборите, со распоредување на 24 долгорочни набљудувачи на територијата на целата држава, кои го набљудуваат целокупниот процес
Не е важен само денот на изборите, туку и предизборните процеси, како и оние по самиот ден на изборите. Ова денеска го изјави Матео Мекачи, шефот на Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, наведувајќи, во тој контекст, дека нејзините набљудувачи ги следат сите аспекти поврзани со изборите.

Мекачи изјавата за медиумите ја даде по посетата на избирачкото место во Основното училиште „Лирија“ во Општина Чаир. Притоа тој кажа дека Мисијата се состои од околу 250 меѓународни набљудувачи, кои се распоредени на територијата на целата држава.
„Ние сме овде како меѓународна набљудувачка мисија да го надгледуваме изборниот процес и да оцениме дали е се согласно стандардите. Ова гласачко место што го гледате зад нас е едно од многуте што ги набљудуваме. Нашата мисија се состои од околу 250 меѓународни набљудувачи, кои надгледуваат на територијата на цела Република Северна Македонија“,
рече тој, пренесе МИА.
Шефот на набљудувачката Мисија на ОБСЕ/ОДИХР додаде дека нивните активности се почнати подолг период пред денот на изборите, со распоредување на 24 долгорочни набљудувачи на територијата на целата држава, кои го набљудуваат целокупниот процес.
Во овој контекст, тој наведе дека во фокусот на Мисијата се и регистрацијата на гласачи, предизборната кампања, нејзиното финансирање, пристапот на кандидатите до медиумите и други аспекти.
„Како што рековме, не е битен само изборниот ден, туку важни се и предизборните процеси, како и процесите по самиот ден на изборите. Секако дека ги следиме сите аспекти кои се поврзани со самите избори, тука може да ги споменеме регистрацијата на гласачи, самата кампања, финансирањето на кампања, пристапот до медиуми, гласањето на самиот ден на изборите, пребројување на гласовите итн.“,
рече Мекачи.