Според него, позитивно е тоа што македонските граѓани, и покрај лажните вести што се шират, даваат огромна поддршка за имплементирање на овој проект, како и дека Министерството за внатрешни работи ќе продолжи со негова примена како дел од европските стандарди за безбедност
Не е украдена камера од проектот „Безбеден град“ во Општина Сарај, тоа се лажни информации, рече денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, коментирајќи ги фотографиите што изминатите денови се појавија на социјалните мрежи, а беа преземени и објавени и од дел од медиумите.

„Не, не е украдена. Тоа не е вистина. За жал, има многу портали, фејсбук- и инстаграм-страници што со лажна фактичка состојба се обидуваат да привлечат внимание од различни интереси, дали тоа се политички, бизнис-интереси или други“,
кажа тој на заедничката прес-конференција со министерот за здравство Азир Алиу.
Според него, позитивно е тоа што македонските граѓани, и покрај лажните вести што се шират, даваат огромна поддршка за имплементирање на овој проект, како и дека Министерството за внатрешни работи ќе продолжи со негова примена како дел од европските стандарди за безбедност.
„Во овој тест-период видовме дека и само со опомени, без казни, граѓаните придонесуваат за спасување човечки животи. Во 2024 година на територија на Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје имаше пет жртви во сообраќајни несреќи, а во декември 2025 година во Скопје нема ниту едно починато лице како последица на непочитување сообраќајни правила“,
рече Тошковски.
Посочи дека тоа е заслуга на македонските граѓани што решија да го забават управувањето на моторните возила во главниот град.
