„Во тек е втората фаза од постапката во која се бараат мислења од доносителот и од предлагачите на Законот, по што следува конечната одлука. Јавноста ќе биде известена кога овој предмет ќе биде ставен на седница за гласање“, пишува во соопштението од овој Суд
Уставен нема да ги преиспитува линеарните покачувања што досега им се исплатени на пензионерите, односно одредбите што го опфаќаат зголемувањето на пензиите по 2 500 денари, што се исплатени во септември 2024 и март 2025 година
Уставниот суд информира дека не е донесена конечна одлука за предметот што се однесува на членот 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, во јавноста познато како линеарно зголемување на пензиите.
Ова следи откако денеска премиерот Христијан Мицкоски од собраниска седница, одговарајќи на пратеничко прашање, рече дека Уставниот суд веќе донел одлука за укинување на законската одредба за линеарно зголемување на пензиите и од наредниот месец најголемиот број од пензионерите ќе добиваат помали пензии.

Оттаму укажуваат дека на седница одржана на 19 ноември годинава со мнозинство гласови, се изрази сомнеж во уставноста на членот 2 од Законот.
„Во тек е втората фаза од постапката во која се бараат мислења од доносителот и од предлагачите на Законот, по што следува конечната одлука. Јавноста ќе биде известена кога овој предмет ќе биде ставен на седница за гласање“,
се вели во соопштението од Уставниот суд.
За тоа дали е поведена постапка за сите линеарни покачувања што досега им се исплатени на пензионерите, оттаму информираат дека Судот нема да ги преиспитува одредбите што го опфаќаат зголемувањето на пензиите по 2 500 денари, што се исплатени во септември 2024 и март 2025 година.
„На седницата што се одржа на 19 ноември, Судот ја отфрли иницијативата за преиспитување на членовите 3 и 18 што го регулираа тоа прашање, поради фактот што истите беа од темпорален карактер и не се повеќе дел од правниот промет“,
велат од Уставен.
Уставниот суд на 20 ноември соопшти дека е поведена постапка за оценување на уставноста на член 2 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување, со кој беше воведено линеарно зголемување на пензиите.
Судот изрази сомнеж дека оваа одредба може да ги наруши уставните принципи на социјална праведност, еднаквост и правна сигурност, бидејќи сите пензионери добиваат исто покачување без оглед на стажот и уплатените придонеси.
Со поведувањето на постапка за оценување на уставноста на оспорениот член, Судот ќе испитува дали законското решение е оправдано и во доволна мера избалансирано.
Од собраниска говорница, премиерот Христијан Мицкоски рече дека последните информации се дека одлуката е донесена и потпишана од страна на судијката, која и ја иницираше постапката, со што пензионерите веќе нема да добиваат линеарно зголемување на пензиите, туку согласно процентите утврдени со Законот што претходно важеше.
„Точно е дека е покрената постапка пред Уставниот суд и точно е дека таа судијка за која сите зборуваме и која е архитип на неправдата во судството, заедно со една друга обвинителка, што беше вториот столб на тој архитип на судството едно време, и која соучествуваше во онаа чанта од брендот ‘Луј Витон‘, се тие на кои денес им пречи линеарното зголемување на пензиите на пензионерите. Последните информации се дека одлуката е донесена, дека е потпишана од нејзина страна и дека пензионерите веќе нема да добиваат линеарно зголемување на пензиите, туку согласно процентите утврдени со Законот што претходно важеше“,
рече тој.
Според него, ваквата одлука не е фер, бидејќи Уставниот суд ја укинува одлуката, а додаде дека нема да се зачуди доколку истата судијка во Уставниот суд донесе одлука за одмрзнување на платите на судиите и обвинителите.
