Портпаролот на тетовската полиција извести оти се преземени сите потребни мерки за расчистување на случајот и дека се извршени службени разговори со двајцата пожарникари кои биле повикани да го заловат и отстранат кучето од објектот во кој работници изведувале градежни работи, како и со лицето кое го пријавило паѓањето на кучето
Не се точни информациите дека некој го турнал кучето од висококатницата во Тетово, информира портпаролот на тетовската полиција, Марјан Јосифовски, по информациите кои кружеа во јавноста оти некој намерно го фрлил кучето од седмиот кат од зграда во Тетово во која сè уште се вршат градежни работи.
Јосифовски извести оти тетовската полиција ги презела сите потребни мерки за расчистување на случајот и дека се извршени службени разговори со двајцата пожарникари кои биле повикани да го заловат и отстранат кучето од објектот во кој работници изведувале градежни работи, како и со лицето кое го пријавило паѓањето на кучето.
„Притоа, утврдено е дека не се точни шпекулациите дека наводно некој го турнал кучето. Местото на паѓањето е фотодокументирано и по целосно комплетирање на сите службени материјали ќе биде изготвено писмено известување кое ќе се достави до јавен обвинител“,
информира портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.
Командирот на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Тетово, Авни Амети, вчера во изјава за МИА информира дека никој не го фрлил кучето, туку дека тоа се исплашило и почнало да бега од пожарникарите кои биле повикани да го изнесат од објектот, по што паднало од седмиот кат од зградата. Според него, пожарникарите постапиле исто како што правеле и во минатото кога спуштале мачки од високо.
„Не верувам дека пожарникар може да направи такво нешто и да фрли куче од седмиот кат од зградата. Ако има такво нешто, ако се докаже дека навистина пожарникар го фрлил, секако ќе се преземеме одговорност за таквиот случај. Воедно, ги замолувам газдите што градат објекти во Тетово, тие да бидат затворени за да немаме вакви случаи, да не се качуваат кучиња во нивните згради, па да одиме да интервенираме, па после да излеземе криви, дека намерно сме ги фрлале кучињата оттаму“,
изјави вчера командирот на ТППЕ Тетово за МИА.
Здружението за заштита на животните „Анима Мунди“ во реакција за случајот побара итно да биде воведена полиција за животни и затворски казни за мачење и убивање на животните.