Владо Поповски вели дека е легитимно Бугарите да се вметнат во Уставот, но стравот и сомнежот кај граѓаните е дека Бугарија ќе има нови барања и условувања при што потсетува на изјавите и ставовите на Радев кои, според него, прават Македонците да се сомневаат
Зборувајќи за она што се случува сега со бугарските барања, професорот Поповски вели дека тоа е олицетворение на она што во 2008 го побарале бугарски интелектуалци. Тогаш тие преку писмо до бугарската влада рекле дека веќе не можат да влијаат на „освестување на Македонците како Бугари“, па побарале тоа бугарската држава да го направи кога ќе започне процедурата за ЕУ

Универзитетскиот професор во пензија Владо Поповски, во вечерашното гостување во емисијата „24 отворено“ на ТВ 24, излезе со став дека нема пречка Бугарите да се вметнат во Преамбулата од Уставот, но оти Македонија треба да се заштити од нови условувања од Бугарија на европскиот пат.
„Тоа значи дека Бугарија треба да изјави дека таа измена е доволна и дека нема да прави натамошни пречки. Постои стравување дека ќе се измислуваат нови и нови пречки во таа насока. Ако тоа се направи, тогаш може да се стави, на пример, една идеја на универзитетски професор кој вели ’да се стави една клаузула дека таа измена стапува на сила тогаш кога преговорите ќе бидат отворени и започнати со ЕУ‘. Дополнително, на политички план ќе треба да се инсистира дека не може кое било прашање пред историската комисија да биде услов за преговорите бидејќи историските прашања не се предмет на преговори“,
рече Поповски.
Преговорите во историската комисија, додаде тој, може да траат со години и, според него, добро е да траат за да се избристрат евентуалните заеднички историски личности и настани, но и да се разграничат.
Има такви комисии, вели професорот, и во другите европски земји кои траат со десетици години па никому ништо.
„Изјавите на Радев се сомнеж дека Бугарија може да продолжи со нови барања“
Констатирајќи дека на последниот попис имаше околу 3 000 граѓани декларирани како Бугари, професорот посочи дека е легитимно вметнувањето на Бугарите во Уставот заедно со Хрватите, Црногорците и Евреите, но отпорот кај граѓаните, рече тој, е поради сомнежот дека ќе има нови барања од бугарска страна при што потсети на изјавите од бугарскиот претседател Румен Радев.
„Мислам дека граѓаните се сомневаат дека тоа ќе биде последно барање од страна на Бугарија кон Македонија бидејќи се сведоци паралелно на изјави на претседателот на бугарската држава, господинот Румен Радев, кој има децидна, јас ќе ја цитирам таа кратка изјава дека ’Бугарите и Македонците имале 1300 години заедничка историја и дека ќе имаат и во иднина‘. Една таква изјава, која нема никаква историска подлога, ниту аргументација, искажана од името на претседателот на бугарската држава, кој сме сведоци дека е главна политичка личност последните години поради тешкотиите да формираат влада, а по последните избори слична е ситуацијата, што значи тежината на мислењето и ставот на претседателот Радев ќе биде доминантен и во таа структура. При таква изјава Македонците се сомневаат дека Бугарија едноставно може да продолжи со нови изјави“,
рече Поповски.
На прашањето може ли Бугарија и Радев да го злоупотребат фактот што Бугарите ќе бидат дел од Уставот, професорот се осврна на ситуацијата дека наспроти оние што на попис се декларираа како Бугари, во Македонија има 100-120 000 бугарски пасоши кои се добиени на начин што тие граѓани во барањето за издавање напишале дека потекнуваат од бугарско семејство или семејство кое ги негува старите бугарски традиции.
„Тоа значи дека се очекува тие што зеле пасоши само за да може да одат низ Европа, да се вработат итн., бидејќи им се отвораат границите на Европа, условот да го заслужат пасошот е да мора да се декларираат дека се Бугари. Во тој случај, тој притисок од бугарска гледна точка и становиште на онаа политика што ја декларира претседателот Радев, оди да се создаде во Македонија една голема групација на Бугарија. Јас мислам дека тоа е еден своевиден притисок врз тие што имаат бугарски пасоши“,
вели професорот.
Со таков притисок врз луѓето кои ги имаат бугарските пасоши тој вели дека бројката од три и пол илјади може да стане 50 или 80 илјади.
„И тогаш да го репродуцирате моделот на живот и на институции што беше карактеристичен за крајот на 19 век, почетокот на 20 век. Тоа значи Македонија да биде повеќенационална држава, а главната релација Македонци и Бугари поради оваа можност на притисок на овие луѓе бидејќи Бугарија може да го направи тоа со промена на закон. Македонија од почетокот е мултиетничка, меѓутоа не се тие пропорции на пример во однос на Македонци и Бугари“,
рече Поповски.
„Она што се случува сега, во 2008 го побарале бугарски интелектуалци“
Зборувајќи за она што се случува сега со бугарските барања, професорот Поповски вели дека е олицетворение на она што во 2008 го побарале бугарски интелектуалци. Тогаш тие преку писмо до бугарската влада рекле дека веќе не можат да влијаат на „освестување на Македонците како Бугари“, па побарале тоа бугарската држава да го направи кога ќе започне процедурата за ЕУ.
„Ако се сеќавате, 2008 година имаше барање од 64 интелектуалци на Бугарија кога почна во Скопје да се градат споменици на Александар Македонски итн. Тие се обратија до бугарската влада дека науката и тие како интелигенција не се во состојба да влијаат на проширување на бугарската свест кај Македонците или на освестувањето на Македонците како Бугари и бараа кога ќе почне процедурата за ЕУ, бугарската влада да ја уцени или да ја стави пред ѕид македонската влада и да испорача барања за да може да влезе. Имено, на дело е токму таа процедура. Бугарската држава ја користи последната шанса да ја уценува Македонија“,
вели Поповски.