„И нема, како во минатото, да давам лажна надеж дека тоа утре ќе го решиме. Ако во иднина се појави можност дел од нив трајно да се вработат, со задоволство тоа ќе го прифатам. Во различни училишта бројот на ученици варира, а има отпор и кај асистентите, во другите држави тоа е поразлично, луѓето се помобилни“ вели министерката за образование во неделното интервју за РСЕ
Министерката за образование и наука Весна Јаневска смета дека не може да се исполни барањето на родителите на децата со атипичен развој за трајно вработување на образовни асистенти, затоа што потребите во училиштата, се, како што вели, променливи.

Ова е едно од прашањата на кои министерката одговара во неделното интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ), а темата ја актуелизираа дел од родителите на деца со атипичен развој, според кои со честите промени на образовни асистенти се создава ризик за регрес во образовниот процес на нивните деца.
Пораката што Јаневска ја упатува до родителите е да бидат мирни, бидејќи Министерството кое е надлежно за ресурсните центри што ги објавуваат конкурсите за образовни асистенти врши одреден надзор.
Сепак, како што додава таа, родителите треба да знаат дека училиштата се тие кои пријавуваат колку ваков кадар им е потребен.
Образовните асистенти, вели министерката, не се трајно вработени, а причината за тоа што потребата за нив секоја година се менува.
„Ако се зголемат потребите, ние го зголемуваме бројот на асистенти. Но факт е дека, комисијата за функционална проценка оценува кое дете има потреба. А кога детето ќе постигне напредок, комисијата ќе оцени дека веќе нема потреба од асистент, што и е основната цел, на образованието но и во животот за детето кое има посебни образовни потреби да биде самостојно. Па некогаш, Комисијата ќе рече дека нема веќе потреба од образовни асистенти, а родителите сакаат и натаму образовен асистент, тоа е еден од проблемите со кои се соочуваме. Понекогаш родителите ги мешаат образовните асистенти со личните асистенти, а тоа не е така, личен асистент е сосема поинаква функција“,
вели Јаневска.
Според Јаневска, претходната власт ангажирала околу 1 000 асистенти, додека сега нивниот број во основното образование е 1 876, а околу 150 се предвидени и за средно образование. Оваа бројка била предвидена без да се знаат реалните потреби.
„Штом ги добиеме финалните бројки, ќе продолжиме со процедурите за обезбедување образовни асистенти“,
вели министерката.

На прашањето дали е можно да се дојде до некаков оптимален број на асистенти и тие да бидат трајно вработени со што би има се олеснило и системот и на родителите, Јаневска вели дека тоа не е можно затоа што, додава, бојките и потребите се променливи.
„И нема, како во минатото, да давам лажна надеж дека тоа утре ќе го решиме. Ако во иднина се појави можност дел од нив трајно да се вработат, со задоволство тоа ќе го прифатам. Во различни училишта бројот на ученици варира, а има отпор и кај асистентите, во другите држави тоа е поразлично, луѓето се помобилни. Луѓето кај нас се помалку подвижни, кога наставник ќе се вработи блиску до домот, не сака да се премести, иако на друго место има поголема потреба“,
наведува министерката во интервјуто.
Во контекст на прашањето, Јаневска наведува дека бидејќи станува збор за исклучително чувствителна тема, директорите на ресурсните центри не се променети, односно оставени се раководтелите поставени од претходната власт.
„Исклучително многу ја ценам нивната стручност и искуство, и знаев дека промена на директорт на ресурсен центар може да биде силен потрес. Ние сите се договоривме дека тоа не е добро и дека тие треба да останат. Верувам дека тие имаат големо искуство и дека ќе се справуваат со поединечните проблеми, оти тоа е нивна работа“,
вели Јаневска.
Инаку, таа во интервјуто говори и за лошите резулати што македонските ученици ги имаат на ПИСА-тестирањата, а за што вели дека веќе ги имаат лоцирано главните причини за тоа. Како такви, таа ги наведува несериозниот однос и на учениците и на наставниците кон ПИСА-тестирањето и грешките во преводите.
Дел од останатите теми се и воведувањето на едносменското работење на училиштата во земјава, проект кој од предвидените 1 100 засега опфаќа само 150 училишта, како и воведувањето на вештачката интелигенција во образовната програмата.
Целото интервју на министерката за образование и наука Весна Јаневска за РСЕ можете да го проследните на следниот ЛИНК.