Генералниот секретар на НАТО, пред почетокот на состанокот на министрите за одбрана, изјави оти Русија не ја запре акумулацијата на војници на украинската граница и предупреди дека ќе плати висока цена во случај да ја нападне Украина
Русија не ја запре акумулацијата на војници на границата со Украина, предупредува НАТО, додека Русија тврди дека поголемиот дел од војниците ќе се повлечат од украинската граница по завршувањето на воените вежби.
„Русија, се чини, продолжува да ја зајакнува својата војска околу Украина. Досега не сме виделе никаква деескалација на теренот. Дополнително, не добивме одговор на писмениот документ и на предлозите што ги испративме до Русија“,
изјави денеска генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во пресрет на состанокот на министрите за одбрана.
Столтенберг предупредува дека Русија ќе плати висока цена во случај да ја нападне Украина, додека НАТО ќе продолжи да ги открива плановите на Русија, за да го отежне извршувањето на агресивни дејствија.
Руското Министерство за одбрана, пак, претходно денеска соопшти дека воените вежби на Крим завршиле поради што армијата се враќа во базите.
„Единиците на Јужниот воен округ, по завршувањето на учеството во тактичките вежби, заминуваат на своите постојани места на распоредување“,
соопшти Министерството.
Русија вчера почна со повлекување на група војници од границата со Украина, додека претседателот Владимир Путин изјави дека нема да има војна.
„Кога станува збор за војна во Европа, тешко е да се замисли дека тоа навистина ќе се случи. Сведоци сме на многу војни во Европа иницирани од НАТО, како онаа во Југославија. Тоа беше огромна операција со проектили што го погодија Белград. Тоа е престолнина која се наоѓа во Европа, а тоа е многу лош пример“,
рече Путин на прашањето на новинарите за потенцијална инвазија на Украина.
Инаку, денеска и утре во Брисел ќе се одржи состанок на министрите за одбрана на НАТО, на кој, со оглед на околностите, главна тема треба да биде кризата во односите со Русија по стационирањето 130 000 руски војници на границата со Украина.
На состанокот ќе присуствува и министерката за одбрана на Северна Македонија, Славјанка Петровска, која изјави оти целта на денешниот состанок е да се реафирмира единството на НАТО, да се даде шанса на дијалогот во кризата меѓу Русија и Украина и да се потенцира поддршката за целосниот интегритет и суверенитет на Украина.