Премиерот Мицкоски, на денешниот брифинг со новинарите, откри дека Владата работи на изнаоѓање партнер за финансирање модернизација на железничката линија од Коридорот 10. Со тоа просечната брзина за движење по трасата по Вардарската клисура би се зголемила на 110 до 120 километри на час
Мицкоски рече дека се многу блиску до договор со држава која би го финансирала овој проект, но не откри за која земја станува збор. „Многу сме блиску до договор со една држава која не е Кина, не е Русија, ниту Унгарија“, рече Мицкоски додавајќи дека кредитот би се отплаќал по 15 до 19 години, а Владата инсистира на подолгиот период
Вчера во Софија се одржала средба меѓу делегации на Македонија и на Бугарија, на која имало и претставници на Европската Унија. Темата била железничкото поврзување меѓу двете земји.
Денеска од Министерството за транспорт, а потоа и премиерот Христијан Мицкоски на брифинг со новинарите, информираа дека на средбата биле прифатени дел од аргументите од македонска страна. Прво, дека мора да има заеднички проект за тунелот за кој Владата тврди дека, со актуелниот проект, завршува во карпа и не води никаде. Второ, Бугарија да го заврши својот дел од пругата. И трето, да се ревидира цената, како и да се ревидира самиот проект.
„Заклучено е третата секција од Крива Паланка до граница да се видеоизмени, а тунелот да го градиме заедно со Бугарија. Со тоа би добиле целина од Бургас, преку Скопје, Кичево до Албанија“,
рече на брифингот премиерот Мицкоски.
Но, Мицкоски додаде дека од Албанија нема јасна „обврзаност“ дека ќе го заврши својот дел и оти Албанците немаат ниту проект, само волја. „Битно е дека раскрсницата ќе се оформи и коридорите 8 и 10 ќе комуницираат“, рече тој.
Оваа средба во Софија доаѓа по средбата на високо ниво во Брисел што се одржа на 16 октомври. По таа средба, Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Европската Унија, соопшти дека Македонија и Бугарија се согласиле заеднички да продолжат со изградбата на железничката пруга на Коридорот 8.
Изградбата на пругата кон Бугарија изминатиов период беше повод за дополнителни тензии меѓу Софија и Скопје, откако вицепремиерот и министер за транспорт на земјава, Александар Николоски, отворено се спротивстави на продолжувањето на изградбата на третата делница (Крива Паланка – Деве Баир), обвинувајќи ја Бугарија дека нема проект за Коридорот и дека тунелот што треба да го гради земјава завршува во карпа и не води никаде.
Нов кредит држава со држава?
Министерот за транспорт Александар Николовски во јули годинава побара од Европската банка за обнова и развој и од Европската инвестициска банка да се пренаменат средствата за довршување на пругата кон Бугарија за проект со кој би се изградила брза пруга по Коридорот 10, од Табановце до Гевгелија.
„Значи од границата со Србија до границата со Грција да можат возовите да одат со 100 до 120 километри на час, а тоа со рехабилитација на постојната пруга, е проект што ќе чини 250 милиони евра“,
изјави Николовски (23 јули 2024 г.).
Покрај што ваквото барање на министерот Николовски, со новите околности, остана без епилог, по се изгледа дека Владата не се откажува од идејата за рехабилитација на пругата што ги поврзува Србија и Грција.
Премиерот Мицкоски, на денешниот брифинг откри дека Владата работи на изнаоѓање партнер за финансирање модернизација на железничката линија од Коридорот 10. Со тоа, како што претходно многупати потенцираше и министерот Николовски, просечната брзина за движење по трасата по Вардарската клисура би се зголемила на 110 до 120 километри на час.
Мицкоски рече дека се многу блиску до договор со држава која би го финансирала овој проект, но не откри за која земја станува збор. „Многу сме блиску до договор со една држава која не е Кина, не е Русија, ниту Унгарија“, рече Мицкоски додавајќи дека кредитот би се отплаќал по 15 до 19 години, а Владата инститира сепак да бидат 19 години.
Оваа линија првенствено би била за товарен железнички сообраќај, но по неа би можел да се одвива и патнички сообраќај ако, како што рече премиерот, за тоа има интерес.