Мицкоски и Гир се согласиле дека реформите во земјава мора да се спроведат и дека придвижувањето кон ЕУ е од корист на државата
Македонија има право на своите идентитетски обележја и не е европски да биде условувана за јазикот, идентитетот и историјата, посочил лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешната средба со евроамбасадорот во земјава, Дејвид Гир.
Мицкоски, придружуван од потпретседателот Александар Николоски, алармирал и за лошо справување со здравствената криза од страна на власта.
„Тоа се докажува со огромниот број починати и заразени, како и тоа дека здравствениот систем е пред колапс. Добредојдена е поддршката од европските партнери на тој план“,
рекол Мицкоски додавајќи дека ваквиот хаос е предизивкан од премиерот Зоран Заев.
Како што се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ, на средбата, Мицкоски и Гир се согласиле дека реформите во земјава мора да се спроведат и дека придвижувањето кон ЕУ е од корист на државата.
„Мицкоски се заблагодари на господинот Гир за поддршката која ја добива Македонија од Унијата, како и силните заложби за демократизација воедно посочувајќи дека треба да се обрне внимание на борбата со криминалот и корупцијата, кои за жал се на катастрофално ниво поради отсуство на волја од страна на власта. Имено кај власта имаме само декларативна желба за справување со корупцијата, но во принцип истата се става во заштита на криминалот“,
се вели во соопштението.