За критиките од СДСМ дека „предлагачот е толку компромитиран што ја инфицира и биографијата на Савески“, новиот државен обвинител вели дека не се согласува зашто законот е тој што предвидува дека предлогот треба да дојде од Владата

Не чувствувам ниту товар ниту обврска кон актуелната власт – вели новиот државен јавен обвинител Ненад Савески за тоа што неговиот избор во Собранието беше поддржан единствено од пратеници од владејачкото мнозинство. Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, за критиките од СДСМ дека „предлагачот е толку компромитиран што ја инфицира и биографијата на Савески“, новиот државен обвинител вели дека не се согласува зашто законот е тој што предвидува дека предлогот треба да дојде од Владата.
Савески повтори дека очекувал поголема поддршка од пратениците, но додава дека бројот на гласови бил доволен за негово именување.
„Јас сум човек од системот и токму во моментот кога сум размислувал да аплицирам на оваа позиција, да конкурирам, знаев каква е постапката. И за мене нема ништо тука спорно, ниту сум во позиција да го менувам тоа, ниту воопшто ми пречело кога е нешто системски така поставено. Така што, мојот став околу тоа да чувствувам товар конкретно, апсолутно – не. Немам потреба да чувствувам товар затоа што јас со мојата биографија, со моето сиви и сето она што сум го имал зад себе како активности и што беше и презентирано во моето претставување од Владата, е доволен основ да верувам и кога аплицирав, дека е голема веројатноста да бидам поддржан односно предложен“,
рече Савески.
Во однос на пораката од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Јован Јаулески, дека новиот обвинител има обврска „институционално да расчисти со последиците од СЈО“, Савески вели – нема што да се расчистува, институцијата не е дел од правосудниот систем.
„Секој којшто се обраќа во јавноста, а тоа обраќање се однесува на правосудството, вклучително еве и за мојата позиција, треба да се слушне, треба да се има во предвид, јавноста секогаш е тука да биде слушната. Меѓутоа, тоа не се стандардите, ниту параметрите, ниту законските основи во коишто секој јавен обвинител би постапил. Секој предмет има свое значење. Сите тие странки во сите тие предмети очекуваат еднаков третман. Така што, во секој предмет важат истите законски основи. Сè што би било поинакво постапување, би било спротивно на закон. Редоследот по којшто се делат предметите, редоследот по којшто се постапува по предметите, фазите во коишто се носат јавнообвинителските одлуки во рамките на јавното обвинителство и со таквите одлуки доколку се истапи пред судот, има рокови, има законски процедури и не останува ништо друго освен да се почитуваат процедурите“,
додаде Савески.
