Моето чувство е, иако на писмено чекаме да се изјаснат, дека ова е навистина проблематичен проект за нив (УНЕСКО н.з.) – вели министерот за транспорт Александар Николоски и додава дека веќе се размислува за алтернатива
Прашан дали ,,Бехтел и Енка” и ВЛЕН би се согласиле да се гради автопат Фариш-Прилеп наместо Требеништа-Ќафасан, Николоски одговара: „Треба да зборуваме“

Изградба на автопатска делница Требеништа-Ќафасан би била проблематична за УНЕСКО и јас не би одел со главата во ѕид. Ова во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1 го изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Тој кажа дека делегација од четворица министри и двајца градоначалници го посетила седиштето на УНЕСКО во Париз и два дена имала разговори со носителите на одлуки.
„Моето чувство е, иако на писмено чекаме да се изјаснат, дека ова е навистина проблематичен проект за нив. Јас се обидов да го објаснам и политичкиот и економскиот контекст. Но, не сум неискусен да го забележам отпорот. Во исто време, ова е единствениот проект за кој се согласија и единствената забелешка од многубројните што ги има за Охридскиот Регион, за кое се согласија да дадат на писмено мислење. За сè друго беше – ќе си дојде јули, ќе го видите извештајот, во меѓувреме работете. Јас не би одел со глава во ѕид и не би одел спротивно на препораките на УНЕСКО затоа што сметам дека не можете во сè да гледате математика. Некои работи се прават и за престиж, некои работи се прават и за имиџ на државата и не би го ризикувал статусот на целиот Охридски Регион. Имам малку забуна во јавноста, не е само градот Охрид заштитен, туку е целото Охридско Езеро на двете страни од езерото – и на македонска и на албанска. Не би го ризикувал статусот заради кој било проект“,
рече Николоски.
Тој додаде дека веќе се размислува за алтернативни решенија.
Николоски: „Имајќи предвид дека УНЕСКО нема против да се користат постојни решенија. А постојното решение е под Модрич-Струга-Ќафасан. Така што, следниве неколку недели, во консултација со УНЕСКО, ќе ја донесеме најдобрата одлука, а тоа е дали комплетно на ново градиме автопат или градиме нешто друго. Инаку, најдобар доказ дека ние сакаме да го изградиме овој автопат е клучката кај Требеништа која е дел од автопатот Охрид-Кичево, а која веќе се изгради“.
360°: Што е алтернативата?
Николоски: „Алтернативата е според, ова е неофицијално, еве оставам простор од УНЕСКО да добиеме друго мислење и морам да дадам ограда, не би сакал ова да е цитирано кога ќе се пуштаат извештаи до УНЕСКО, алтернативата е секогаш тие велат дека немаат против да се користат постојните инфраструктурни решенија. Е сега, имајќи предвид дека постојните инфраструктурни решенија се правени во минатиот век, нормално дека тие можат да бидат модернизирани. Ние и сега имаме нормално спој со граничниот премин Ќафасан. Да се прошири тој пат, да се направи експресен пат. Целосно да се модернизира, не само да се прошири, туку да оди по сите стандарди. Инаку, во моментов, Министерството за транспорт работи на целосна рехабилитација и проширување на граничниот премин Ќафасан. Првата фаза е завршена, рехабилитацијата, се оди во втора фаза на проширување”.
360°: Претпоставувам дека кога велите дека пред УНЕСКО сте ги објаснувале и политичките аспекти мислите и на значењето на овој проект за ВЛЕН, пред сè како партнер во Владата.
Николоски: „Тоа помалку, многу повеќе за Коридорот 8 и затоа и во суштина тие побараа некое време, затоа што таму имате главно експерти и многу малку луѓе што се од политичкиот свет. Но, овие што се од политичкиот свет многу добро го разбраа тој дел и побараа интерни консултации. Затоа што судбината на автопатот ја следи и судбината на пругата. Односно, во извештајот тие се спротивставуваат и на изградба на железницата. И тогаш целиов напор што ние го правевме со Бугарија губи смисла како што губи смисла и барањето на НАТО да се развие Коридорот 8 како безбедносен коридор. Значи, не како економски коридор, не како бизнис-коридор, туку како безбедносен коридор, кој би требало да е алтернатива на одредени други коридори што сега се користат. Во такви услови, ако ние немаме брзо решение во делот на спојување автопатско или експресен пат со Албанија, а од друга страна со Бугарија сме во многу напредна фаза од една страна, од друга страна со Бугарија се споиме железнички, а ваму на другава страна немаме ништо на развој со железница, тогаш целото губи смисла. И затоа треба да го најдеме балансот помеѓу еднострани одлуки, каде што ние би рекле Коридорот 8 е безбедносен, стратешки и политички приоритет и ние го тераме, но тука ризикуваме да го изгубиме статусот или да избалансираме помеѓу таа одлука и да го задржиме статусот на целиот регион”.
360°: Во ВЛЕН го разбираат ли ова?
Николоски: „Да, да”.
360°: Ќе прифатат да не се гради автопат?
Николоски: „Па, мислам дека ќе го прифатат она што ќе даде одговор на овие две прашања”.

На прашањето дали е можно да се случи трампа – наместо да се гради автопатот Требеништа-Ќафасан, да се изгради автопат Фариш-Прилеп, со оглед дека веќе има изјави за потребата од таков проект, Николоски одговори дека тоа не е невозможно.
Николоски: „Не е невозможно, но тоа е најмалку битно. Најбитно е дека природно е да го завршиме ние овој проект затоа што за да се развие Коридорот 10-Д, а Коридорот 10-Д е Скопје-Битола-Атина и да се скрати патувањето помеѓу Скопје и Атина од сегашните осум и пол часа на пет и пол часа, што ќе значи комплетно нов однос помеѓу двете држави во делот на трговија и на бизнис, ние мора овие 25 километри да ги завршиме. Затоа што Грците интензивно работат на нивна страна, од граница преку Лерин, Птоломеида кон Кожани, се работи на автопатот. Ние интензивно работиме на автопатот од наша страна, најдолг во моментов како поединечен нов проект, а тоа е делот од Прилеп до Битола. Втора фаза е обиколница на Битола, Жабени и граничен премин. Од друга страна се изгради делот што оди Градско-Дреново-Фариш и не може да остане црна дупка делот што е од Фариш до Прилеп или популарниот Плетвар, мора да го решиме и најдобро е да се реши со автопат или експресен пат.“
360°: Би имале ли согласност од „Бехтел и Енка“ и од ВЛЕН, Требеништа-Ќафасан да се трампи за Фариш-Прилеп?
Николоски: „Треба да зборуваме. Но, како и да е, ние ова ќе го направиме, сме го ветиле, не може да остане тој дел неизграден и едноставно да нема спој помеѓу автопатиштата.“
360°: Ќе има автопат таму?
Николоски: „Тоа е решение што треба да го дадат постручните од мене, оние што се планери, дали теренот може да издржи автопат, имајќи предвид дека се работи за многу комплициран терен, или ќе одиме со експресен пат. Но она што сакам исто така да го кажам е дека ја сменивме категоризацијата за експресни патишта и го сменивме законот и сега експресен пат е 2 плус 2 одвоени ленти или, најсликовито, тоа е она што е сега Дреново-Фариш или она што е сега Тетово-Гостивар. Тоа е експресен пат.

За делницата Гостивар-Букојчани, која треба да го премости превојот Стража, избрано е решение без изградба на тунел што значи наклон, па некои експерти сега ги поставуваат прашањата – дали тоа ќе биде автопат од аспект на брзината што може да се развие на нагорнина и што со одржувањето во зимски услови.“
На прашањето дали за оваа делница е донесена најдобрата одлука, Николоски рече дека е донесена најрационалната одлука, со оглед на економската состојба во државата и можноста да се финансира проектот.
360°: Колку беше разликата со и без тунел?
Николоски: „250 милиони евра. Затоа што доколку се одеше со тунел, проектот требаше да поскапи за 250 милиони евра, што Македонија не може да ги издржи, затоа што се работи за долг тунел од 5,3 километри.“
360°: Ако еднаш се прави на неколку децении, дали можеби вредеше да се размисли за тунел?
Николоски: „Ако јас се прашувам, кога би имал неограничени средства, јас секако дека би отишол со тунел, но имајќи предвид дека километар тунел е 50 милиони евра, плус-минус, тогаш не можам да влезам во проект што утре нема да можеме да го плаќаме. А таму проценетата вредност беше 250 милиони евра со маргина на отстапка од 25 отсто. Значи, теоретски, можеше 25 отсто да е минус, но можеше и 25 отсто плус, што би значело дека можеше и преку 300 милиони да отиде тунелот. Затоа што колку и да е добро геолошкото истражување, кога се работи тунел, се става таа маргина од 25 отсто, не може до крај да се има предвид што ќе најдат внатре.“
360°: Е сега, наклонот на автопатот, колкав ќе биде?
Николоски: „Од 31 километар, на 14 километри има до 6 отсто наклон или пад, зависи дали се качува или се спушта, што е под стандардот за автопат, затоа што стандард за автопат е до 7%. Значи, ова е до 1% пониско, и не е секаде 6%, има и со 4, има и со 5.“
360°: Со колкава брзина ќе може да се вози?
Николоски: „од 110 до 130.“
360°: Ќе може и таму, на тоа место?!
Николоски: „Да, тоа се стандарди за автопат, затоа што се прават многу поблаги кривините онаму каде што ги има, а се знае како се градат мостови, еден веќе е готов, бевме, го презентиравме. Така што тоа инженерите и проектантите го решаваат согласно на најновите светски практики. Се работи за компанија за којашто ние сме имале многу забелешки по однос на договорот, јас сè уште имам и ми е жал што не дозволуваат да го објавиме договорот, но во исто време за компанија што е многу сериозна и што сериозно си ја работи работата.“
