При проверката е утврдено дека прачките одговараат на сериските броеви и дека се со правилна форма која соодветствува на утврдените стандардни спецификации

Народната банка на Република Северна Македонија (НБРСМ) ги потврди безбедноста и квалитетот на македонските златни резерви, кои се чуваат во трезорот на Банката на Англија во Лондон.
Во рамките на официјална посета, гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, заедно со неговиот тим, извршил директен увид во чувањето на монетарното злато, како дел од вообичаените активности на централните банки за обезбедување највисоки стандарди на сигурност.
Република Северна Македонија располага со околу 6,9 тони монетарно злато во состав на девизните резерви, чија тековна пазарна вредност изнесува околу 800 милиони евра.
За време на увидот, тимот на НБРСМ извршил визуелна проверка на примерок од златните прачки.
При проверката е утврдено дека прачките одговараат на сериските броеви и дека се со правилна форма која соодветствува на утврдените стандардни спецификации.
Златото, како што информираат во соопштението од Народната банка, е во алоцирана (асигнирана) форма и ги исполнува стандардите на пазарот на злато во Лондон (London Good Delivery Standard), што значи дека содржи најмалку 99,5 отсто чисто злато.
Одлуката златото да се чува во Банката на Англија била донесена во 2010 година имајќи ги предвид сигурноста и флексибилноста коишто ги нуди инфраструктурната поставеност на централната банка, како и пристапноста до пазарот на Лондон како најголемиот пазар со злато во светот.
Од Народната банка посочуваат дека поради овие високи стандарди и пристапноста до пазарот, златото, освен значајната ценовна апрецијација, може да се искористи и за остварување дополнителни монетарни приходи преку пласмани на краткорочни депозити и трансакции со злато.
НБРСМ најави дека и во иднина ќе биде посветена на транспарентно и одговорно управување со девизните и златните резерви, во интерес на стабилноста и економскиот развој на државата.
