Народната банка потенцира оти ова е превентивна мерка која се носи, како што велат оттаму, со цел да се направи уште еден заштитен слој на менувачкиот пазар, а потенцираат оти менувачниците располагаат со доволно девизи
На менувачниците ќе им се овозможи да купуваат евра од банките при евентуален недостиг, иако располагаат со доволно девизи, потенцира од Народната банка при соопштување на овој, како што велат оттаму, дополнителен заштитен механизам на менувачкиот пазар.
„Ова е превентивна мерка, којашто се носи со цел да се направи уште еден заштитен слој на менувачкиот пазар, а во контекст на шпекулациите коишто станаа актуелни по почетокот на руско-украинската криза. Таа се презема за да се избегнат фиктивните притисоци на менувачкиот пазар кај овластените менувачи“,
информираа попладнево од Народната банка.
Ваквиот чекор со кој на менувачниците им се овозможува да купуваат евра од банките произлегува од измените и дополнувањата на Одлуката за менувачки работи, усвоени од Советот на Народната банка.
„Имено, со измени и дополнувања на Одлуката за менувачки работи, усвоени од Советот на Народната банка, се овозможува овластените менувачници, при евентуален недостиг на ефективни странски пари – евра, да се снабдуваат од банките, преку склучување договор со банката. Сепак, да нагласиме и дека според последните расположливи податоци менувачниците располагаат со девизи. Покрај тоа, за да се спречат какви било шпекулации околу девизниот курс, се воспоставува лимит до коj може тој да се движи, водејќи се од курсот по кој менувачниците ги купиле еврата од банките. Со тоа се обезбедува заштита на граѓаните и во однос на цената по којашто ќе може да купат евра од менувачница, доколку имаат потреба“,
велат од централната банка.
Оттаму потврдуваат дека курсот на денарот е стабилен и оти граѓаните непотребно се изложуваат на трошоци со купување на евра, а девизните резерви се на стабилно и високо ниво од 3,5 милијарди евра.