Очекуваме 2021 година да биде година на постепено закрепнување на домашната економија без поголеми притисоци врз инфлацијата која се очекува главно да се задржи на умерено ниво, вели гувернерката Ангеловска-Бежовска
Раст на бруто-домашниот производ од 3,9 отсто годинава и наредната година и 4 отсто во 2023, предвидува Народната банка во најновите макроекономски проекции.
Инфлацијата за годинава е проектирана на 2,2 отсто годинава, што е зголемување во однос на претходната проекција, што изнесуваше 1,5 отсто.
„Очекуваме 2021 година да биде година на постепено закрепнување на домашната економија, односно економски раст од 3,9 отсто, којшто ќе биде поддржан и од банкарскиот систем. Овој раст нема да доведе до поголеми притисоци врз инфлацијата која се очекува главно да се задржи на умерено ниво, иако се прави умерена нагорна корекција пред сѐ поради раст на увозните цени и кој се оценува како привремен. Не се проценуваат поизразени платнобилансни нерамнотежи, па оттаму се очекува натамошен раст и одржување на девизните резерви на адекватно ниво. Ризиците за проекциите се оценуваат како претежно надолни и се речиси целосно поврзани со пандемијата и рестриктивните мерки, како кај нас, така и во окружувањето“,
објави гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска на денешната прес-конференција.
Се очекува растот на БДП, оваа и следната година да произлезе од домашната побарувачка, додека нето-извозот да има негативен придонес.

Според гувернерката, кај стапката на инфлација е направена умерена нагорна ревизија за 2021 година во однос на октомвриските проекции, при што тековно се оценува дека таа ќе изнесува 2,2 проценти, за разлика од 1,5 проценти во претходната проекција при нагорни корекции кај надворешните влезни претпоставки во делот на цените на нафтата и храната. За 2022 и 2023 година и натаму се очекува дека стапката на инфлација ќе се движи околу 2 отсто.
Народната банка проектира и стеснување на дефицитот во тековната сметка до 2,9 отсто од БДП во 2021 година, што, како што појаснуваат во најголем дел се должи на подобрите очекувања кај дознаките, при постепено намалување на негативните ефекти од пандемијата во текот на годината. Намалувањето се очекува да продолжи и во наредните две години, со што во наредниот двегодишен период (2022-2023 година) дефицитот во тековната сметка ќе изнесува во просек околу 2,1 отсто од БДП.
Во врска со очекувањата за јавниот долг, според НБМ неговиот раст е глобално прашање во услови кога, како што нагласи, била обезбедена фискална поддршка од невидени размери за справување со последиците од пандемијата и економската криза што таа ја предизвика. Во соседството, нагласи таа, јавниот долг порасна во распон од 10 до 15 процентни поени од БДП.
„Кај нас во услови на експанзивна фискална политика насочена кон поддршка на економијата дефицитот значајно се зголеми минатата година достигнувајќи 8,1 проценти од БДП и следствено имаше пораст на јавниот долг за околу 10 процентни поени од БДП надминувајќи ја границата од 60 проценти и изнесувајќи 62,5 проценти. Која ќе биде динамиката на јавниот долг на среден рок ќе зависи од тоа како ќе се одвива фискалната консолидација“,
рече гувернерката Ангеловска- Бежовска.
Кредитната активност на банкарскиот систем и натаму е еден од важните фактори за поддршка на економскиот раст. Во текот на 2020 година кредитната поддршка била солидна, а тековните проекции упатуваат на нејзино постепено забрзување во следниот период.
Народната банка, во насока на поддршка на економијата, во континуитет води олабавена монетарна политика преку намалување на основната каматна стапка, вбризгување дополнителна ликвидност и обезбедување регулаторна флексибилност, а според најавата од гувернерката така и ќе продолжи.
