Пред донесувањето на предлог-годишната сметка, од советничката група на СДСМ рекоа дека буџетот за 2025 година бил планиран оптимистички, а советничката од Левица, Дарија Мустафаоглу се осврна на процедурата во која рече дека има директно кршење на законот
Ѓорѓиевски посочи дека Левица е најголемото зло што му се случило на градот во изминатите десет години, дека во четири месеци наназад освен паушалите што ги земаат немаат ништо друго направено за овој град, дека прават „рилсови“ и чекаат да се случи нешто негативно за да коментираат и инсинуираат

Меѓусебна расправа помеѓу советниците од Левица и градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на денешната седница на Советот, резултураше со меѓусебни навреди.
На седницата се разгледуваше предлог годишната сметка на Град Скопје, а пред нејзиното донесување, од советничката група на СДСМ рекоа дека буџетот за 2025 година бил планиран оптимистички.
„Бројките говорат дека има над 300 милиони денари помалку реализирани приходи и над 1,5 милијарда денари непотрошени средства. Прашањето е дали ова е лошо планирање или пак се нема способност за реализација на проектите. Голем дел од средствата за планираните проекти останале нереализирани, односно развојната компонента на буџетот е слаба“,
рече Кети Штерјова од советничката група на СДСМ која ги изнесе реализациите на проектите од завршната сметка.
Ѓорѓиевски возврати на реакциите на СДСМ велејќи дека во делот каде тој имал шанса да интервенира биле последните три месеци од годината кога, како што рече, имало сериозен прогрес и најголем дел од реализцијата на капитални инвестиции се должи на тие три месеци.
Советничката од Левица, Дарија Мустафаоглу се осврна на процедурата за која рече дека има директно кршење на законот. Таа укажа на неколку претходни прекршувања на рокови според буџетскиот календар.
„Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа вели дека градоначалникот ја доставува годишната сметка за донесување до советот на општината најдоцна до 28 февруари во наредната година. На нас материјалите ни беа доставени пред седум дена“,
рече Мустафаоглу која додаде и колкава е глобата што се изрекува за прекршок на градоначалникот ако не се придржува на роковите за доставување на годишната сметка.

„Станува збор за принцип. Вие некако се навикнавте на прекршоци на глобите, бидејќи по огромен притисок од јавноста ви текна, цел мандат преспиен во Кисела Вода да не поднесете анкетен лист. Пробавте и со Град Скопје, но имавте притисок од јавноста и го поднесовте“, изјави Мустафаоглу.
На ова градоначалникот Орце Ѓорѓиевски возврати дека со се што е изнесено не се согласува.
„Не е така како што кажувате, но тоа е ваша воспоставена пракса и начин на делување и тука не можам да ви помогнам. Не пример вчера имавте излагање како политичка партија па сега чекам уште неколку часа до рокот, извинување, ако не тужба ќе има“,
рече Ѓорѓиевски чиј коментар беше проследен со реакции од Мустафаоглу.
За овие реакции Ѓорѓиевски рече дека советничката внимателно ја слушал и додаде „треба да имате малку желудник и да слушнете од другата страна, а не само да напаѓате“.
„Сега ве молам да бидете коректни, ниту законот е прекршен, ниту некој прави преседан. Тоа што Апасиев и поединци од кај вас, самодекларирани правници коишто не знам како станале професори на факултети, ви држат предавања, ве собираат во подруми и ви објаснуваат како треба да кажувате овде на совет не значи дека нешто е вистина. Зошто вие како претставник на Левица не се извинивте после обвинувањата вчера кои ги направите, каде што таа која ви беше ментор, потпишала договор, а вие ме обвинувате мене дека јас сум потпишал договор. Не ви беше ментор Арсовска? Немавте вие директори? Околу тоа што вие го кажувате, апсолутно како и се останато е расфрлање на пердуви“,
изјави Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски: Левица е најголемото зло
Расправијата продолжи откако Мустафаоглу побараа извинување од Ѓорѓиевски затоа што во јавноста рекол дека нема да има нови вработувања, а неодамна е објавен оглас за хигиеничарка.
Тој посочи дека Левица е најголемото зло што му се случило на градот во изминатите десет години, дека во четири месеци наназад освен паушалите што ги земаат немаат ништо друго направено за овој град, дека прават „рилсови“ и чекаат да се случи нешто негативно за да коментираат и инсинуираат.
„Сакам јавноста да знае кој го девастираше Град Скопје и јавните претпријатија во претходните години, па сега ќе треба вие да се извините. Да се извините на пример за еден ваш идеен деец од Левица, а тоа е Стојче Јовановски кој беше директор на ЈСП во Автокоманда. Стојче Јовановски е лицето кое неколу години наназад систематски го уништува ЈСП ’Скопје’. ЈСП е уништувано од кадар на Левица, исто како што и КИЦ беше уништуван. Јовановски е лицето за кое во моментов се води предистражна постапка, кој има скоро нов автобус на ЈСП демонтирано, деловите ги нема од автобусот и практично заедно со уште неколкумина мудреци од вашата партија и заедно со вашиот ментор Арсовска учествуваше четири години во девастирање на градот. Затоа кога ќе кажувате дека сте загрижени за автобусите, сетете се на ова и на Стојче ваш“
рече Ѓорѓиевски од говорницата.

Тој посочи дека нема да ги толерира кога „кажуваат приказни“ и ја замајуваат јавноста.
„И ако мислите дека некој ќе ве толерира да кажувате приказни и да ја замајувате јавноста, на погрешна адреса сте. И за сè ќе ви биде одговорено соодветно. Вие сте научени некој да ви ќути. Вие сте најголемо бандитско здружение во Град Скопје“,
продолжи Ѓеорѓиевски.
На ова реагираше координаторката на СДСМ, Катерина Цаневска-Арсовска, која побара градоначалникот да го задржи нивото на дискусија.
„Не ви личи така да се однесувате кон една советничка група, треба да се задржи нивото“,
рече советничката.
Усвоен ребаланс на Буџетот, зголемен е за 166 милиони денари
Инаку, денеска Советот на Град Скопје денеска усвои ребаланс со кој буџетот се зголемува за 166 милиони денари. Според градските власти, овие средства се резултат на одговорно работење без нови задолжувања.
Со ребалансот е предвидена изградба на нов кружен тек кај Народната банка за намалување на метежот.
Исто така, ќе се градат и две нови монтажни катни гаражи кај Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ со капацитет од 500 места.
Ребалансот предвидува и инвестиции во образованието, преку поставување топлотни пумпи и фотоволтаици во училиштата со цел исфрлање на нафтата како енергенс.
Од Град Скопје нагласуваат дека со овие инвестиции се подобрува инфраструктурата, се унапредуваат условите во образованието и се создаваат подобри услови за живот за граѓаните на Скопје.
