Министерството за образование и наука ја презема оваа одговорност и ќе го обезбеди пристапот до овие бази
Научните бази „Веб оф сајнс“ (Web of Science) и „Скопус“ (Scopus) стануваат бесплатни за сите државни универзитети, МАНУ и Универзитетот на Југоисточна Европа, соопшти владината портпаролка Марија Митева посочувајќи дека оваа мерка е дел од денешната одлука на Владата за усвојување на измената на Програмата за научно-истражувачка дејност за 2025 година.

Со тоа, факултетите, научниците и младите ќе можат да ги користат овие реномирани научни бази бесплатно.
„Најпрестижните списанија и трудови стануваат достапни за сите. Министерството за образование и наука ја презема оваа одговорност и ќе го обезбеди пристапот. Ова отвора можност за конечен напредок и конкурентност во науката“,
рече таа.
Според неа, на денешната владина седница се усвоени два клучни закони кои се дел од реформската агенда, а чиј рок за донесување е јуни 2025 година.
Станува збор за Законот за електронски комуникации и Закон за безбедносни мрежи и информациски системи.
Посочи дека првпат се носи закон посветен на сајбер безбедноста.