Од Националното студентско тело истакнуваат дека ова усогласување не е дополнителна привилегија, туку неопходен чекор за поддршка на студентите во услови на зголемени животни трошоци
Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска изјави дека ќе се залага за барањето за покачување на субвенционираниот студентски оброк, но истакна дека не може да гарантира дека ќе се случи тоа

Националното студентско тело (НСТ) бара зголемување на износот за субвенциониран студентски оброк од 140 на 150 денари почнувајќи од 2026 година. Барањето, како што велат од НСТ, се темели на Законот за субвенциониран студентски оброк, кој предвидува усогласување на сумата со стапката на инфлација по секоја фискална година, а пред усвојувањето на републичкиот буџет.
Како што се наведува во соопштението, последната промена на износот била во 2023 година, кога сумата е зголемена од 120 на 140 денари.
НСТ го образложува своето барање со инфлациската стапка за 2024 и 2025 година, која според податоците на Народната банка, Државниот завод за статистика и проекциите на ММФ изнесува 3,5 отсто за 2024 година и околу 3,4 проценти за годинава.
Според пресметките на НСТ, за да се зачува реалната вредност на оброкот, сумата треба да се зголеми за речиси 10 денари, со што би достигнала 150 денари.
За ова зголемување се потребни дополнителни 70 200 000 денари или околу 1 141 463 евра годишно. Оваа сума е пресметана врз основа на просечен број од 30 000 студенти корисници на мерката во текот на девет месеци.
Од Националното студентско тело истакнуваат дека ова усогласување не е дополнителна привилегија, туку неопходен чекор за поддршка на студентите во услови на зголемени животни трошоци. Со тоа, велат оттаму, државата би покажала грижа и би инвестирала во младите, кои се сметаат за носители на идниот развој на државата.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска изјави дека ќе се залага за барањето за покачување на субвенционираниот студентски оброк, но истакна дека не може да гарантира дека ќе се случи тоа .
Министерката нагласи дека студентите сега имаат партнер во Министерството и дека сите нивни досегашни барања биле исполнети.
„Ова прашање стигна до мене. Мислам дека во иднина би можеле да се договориме, но во овој момент не можам да гарантирам затоа што буџетот на Министерството за образование зависи од буџетот на државата. Секако дека ќе се залагам доколку е можно и оваа година да биде остварено“,
рече Јаневска при посетата на основното училиште „Блаже Конески“ во Општина Аеродром.
Таа додаде дека искрено верува дека студентите треба да имаат подобри услови за учење бидејќи, според неа, тие се идните носители на развојот на државата.