Утре (12 јули) во Охрид ќе се одржи првиот заеднички состанок на националните комисии за УНЕСКО на Северна Македонија и Албанија, најавија од Министерството за култура.
Седницата ќе биде посветена на идната координација за заедничко управување со Охридскиот регион, според насоките кои беа дадени во последниот извештај на УНЕСКО.
„На седницата ќе се дискутира за Нацрт-одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО за ’Природното и културното наследство на Охридскиот Регион‘, а ќе бидат дефинирани и приоритетите и следните чекори за заедничко дејствување. Предвидено е и потпишување на заедничка изјава во насока на зачувување на статусот на светско наследство на Охридскиот регион“,
велат од Министерството за култура.
На средбата ќе учествуваат министерките за култура на двете држави, Ирена Стефоска и Елба Маргарити, кои се и претседателки на националните комисии. Тие ќе потпишат и програма за соработка меѓу двете министерства за периодот од 2021-2026 година.
На првиот состанок најавено е присуство и на министерот за животна средина и просторно планирање на Северна Македонија, Насер Нуредини, како и на албанскиот министерот за туризам и животна средина, Бленди Клоси.