Крајна цел на Министерството, како што рече Андоновски, е до крајот на годината еДМС да биде целосно функционален, безбеден и интегриран систем. Со него ќе се овозможи автоматизирана обработка на документи и следење на предметите во реално време, што ќе биде од корист и за граѓаните

Националниот електронски систем за управување со документи (еДМС), кој е од клучно значење за дигиталната администрација, ќе биде целосно редизајниран и модернизиран, најави денеска министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.
Министерот посочи дека постојниот систем се покажал како нестабилен, несоодветен и без соодветна техничка поддршка и безбедносни стандарди. Тој објасни дека системот, кој чинел скапо, се користел само во 20 институции и функционирал исклучиво како електронска писарница, без можност за архивирање или дигитална обработка на документи.
„Кога ја презедовме одговорноста за системот, затекнавме состојба која не одговара на потребите ниту на граѓаните ниту на институциите“,
истакна Андоновски додавајќи дека во изминатите две години не постоела техничка поддршка ниту развој на системот.
Андоновски соопшти дека Министерството веќе презело конкретни чекори. Како прва мерка, донесен е нов Закон за архивско работење кој е во согласност со европските стандарди и ја обврзува администрацијата да работи електронски. Дополнително, спроведени се пенетрациски тестови за да се идентификуваат безбедносните слабости на системот.
Министерот откри дека првичните резултати од тестовите покажале критични забелешки, кои во голема мера се последица на неправилното одржување во изминатиот период.
Крајна цел на Министерството, како што рече Андоновски, е до крајот на годината еДМС да биде целосно функционален, безбеден и интегриран систем. Со него ќе се овозможи автоматизирана обработка на документи и следење на предметите во реално време, што ќе биде од корист и за граѓаните.
Андоновски најави и дека Министерството за дигитална трансформација од 1 октомври годинава целосно ќе ги исфрли хартиените документи од своето работење.
Плановите, вели Андоновски, се во еДМС да се вклучат и нови институции, агенции и јавни претпријатија.
Со овие промени, државата се усогласува со стандардите на Европската унија и реформската агенда, која предвидува воведување единствен систем за управување со документи во сите државни институции до 2028 година.