Националниот ден на Шведска вообичаено во земјава се одбележувал со прием на гости во амбасадата во Скопје, но поради состојбата со пандемијата од коронавирусот, годинава тоа е против препораките за здравствена заштита

Амбасадорката на Шведска во земјава, Кристин Форсгрен Бенгстон, преку видео-обраќање соопшти дека годинава ќе го одбележат Националниот ден поинаку. Таа потсети на добрите дипломатски односи меѓу Шведска и Северна Македонија и преку примери ги спомена најважните историски моменти во односите меѓу двете земји, како и помошта на Шведска за постземјотресно Скопје во 1963 година.

Амбасадорката кажа дека на денешниот ден, поради мерките за спречување на ширењето на коронавирусот, годинава единствен гостин во амбасадата бил министерот за надворешни работи, Никола Димитров.
„Со ручек на препорачаното растојание, мој единствен гостин беше министерот Димитров. Покрај разговорите за состојбата со ковид-19 на менито беа и политичките односи, ЕУ интеграциите и претстојните избори“,
вели амбасадорката Форсгрен Бенгстон.
