На официјалното претставување пред реваншот од Европскиот куп, играчите на грчкиот тим беа до теренот, но не истрчаа бидејќи ги немаше нивните навивачи
Реваншот меѓу Алкалоид – АЕК од финалето во ЕХФ Европскиот куп нема да се одигра откако грчкиот тим одлучи да не истрча на теренот во СЦ „Борис Трајковски“.
Се чека реакција на надлежните од Европската ракометна федерација (ЕХФ).

Ракометарите на АЕК одбија да го почнат натпреварот со Алкалоид додека нивните навивачи не дојдат во салата.
На официјалното претставување пред реваншот од ЕХФ Европскиот куп играчите на грчкиот тим беа до теренот, но не истрчаа бидејќи ги немаше нивните навивачи.
Наводно, на македонско-грчката граница биле пуштени само 200 навивачи, за колку што имало билети, а исто толку биле вратени назад.
Спортскиот портал „Еноси“, кој е специјализиран за вести поврзани со екипите на АЕК во сите спортови, пред помалку од еден час пред натпреварот објави дека неколку автобуси со навивачи на АЕК се задржани на граничниот премин и не им е дозволен влез и бидејќи раководството на АЕК, на состанок со ЕХФ, јасно стави до знаење дека тимот нема да излезе на терен ако на навивачите не им биде дозволено да ја преминат границата.
Натпреварот требаше да почне во 20:30 часот.
На првиот меч минатата недела во Атина, Алкалоид победи со 29:25.
Неофицијално, одлуката на ЕХФ ќе се носи во вторник.