„НАТО цврсто стои зад сите сојузници, вклучително и Турција, додека Иран продолжува со своите неселективни напади во регионот“, вели портпаролката на Алијансата

НАТО го осудува лансирањето иранска балистичка ракета кон турскиот воздушен простор, по што таа беше пресретната, вели портпаролката на Алијансата, Алисон Харт.
„НАТО цврсто стои зад сите сојузници, вклучително и Турција, додека Иран продолжува со своите неселективни напади во регионот. Нашата позиција на сите фронтови поврзани со одбраната и одвраќањето останува цврста, вклучително и во случаите кога станува збор за противвоздушна и ракетна одбрана“,
рече Харт.
Претходно денеска Турција објави дека системот за ракетна одбрана на НАТО пресретнал балистичка ракета лансирана од Иран. Како што соопшти Министерството за национална одбрана, ракетата била пресретната пред да влезе во турскиот воздушен простор. Оттаму посочуваат дека нема жртви или повредени и потсетуваат дека Турција има право да реагира на секој непријателски став насочен кон земјата.
Според дипломатски извори цитирани од ТРТ Хабер, по инцидентот турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан телефонски разговарал со својот ирански колега Абас Арагчи. Според цитираните извори, за време на разговорот Фидан посветил посебно внимание на зголемувањето на тензиите во регионот и нагласил дека е неопходно да се избегнуваат какви било чекори што би можеле да доведат до проширување на конфликтот.
Иран, откако беше нападнат од Израел и од САД, започна напади врз неколку земји што ги смета за сојузници на Израел и САД во регионот.
