„Ако го читате внимателно извештајот на Европската комисија, тој користи вординг – независен судски буџет, независност во планирањето на буџетот. И според мене, тоа е формулата што ќе ја пренесе тежината на планирањето на буџетот на Судско-буџетскиот совет, којшто пак ќе мора да води сметка и за капиталните инвестиции“, вели судијката во Врховниот суд, посочувајќи го примерот со независниот буџет на Собранието

Неопходна е финансиска независност на судската власт и буџет што ќе ги задоволи потребите, вели судијката во Врховниот суд Мирјана Лазарова-Трајковска во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, осврнувајќи се на забелешките од најновиот Извештај на Европската комисија за земјава. Според неа, потребно е интензивирање на дијалогот со извршната и законодавната власт на оваа тема.
360 степени: Ако се видат споредбени анализи со другите земји од Европа, според процентот од БДП, овие 0,8% изгледаат многу. Но, анализи се прават паралелно и со тоа колку се одвојува за судството по глава на жител. Е, тука сме прилично ниско. Така што, искуството нè учи, а и некако природно е дека судството, причините за проблемите ќе ги бара надвор и ќе ги лоцира кај извршната и кај законодавната власт. Тие, пак, ќе покажуваат со прст кон судството. Како се помирува таа ситуација?
Лазарова Трајковска: Јас реков, насушно е потребен дијалог. Не може судството да планира буџет, да предлага буџет или Министерство за финансии да нема редовна комуникација со Судско-буџетскиот совет. Во суштина, ако го читате внимателно извештајот на Европската комисија, тој користи вординг – независен судски буџет, независност во планирањето на буџетот. И според мене, тоа е формулата што ќе ја пренесе тежината на планирањето на буџетот на Судско-буџетскиот совет, којшто пак ќе мора да води сметка и за капиталните инвестиции. Сега, вака како што се планира буџетот, главниот филтер за сите предлози, за сите замисли и за унапредување на судството оди преку Министерството за финансии, односно преку Владата.
„360 степени“: Таму инстинктот е – не, не може, бриши…
Лазарова Трајковска: Тоа се одговорите коишто ги добиваме кога ги пишуваме законите. Ние и кога предлагаме закони, мораме да излеземе со одредена финансиска пресметка, колку тоа ќе чини. И кога имаме претставници од Министерството за финансии, тој е пристапот. Меѓутоа, на судството не треба да се штеди, затоа што тоа е првиот исчекор кон Европската Унија.
Во однос на подготовката на законот за судски буџет, каде Лазарова-Трајковска е дел од работната група, таа посочува дека материјалот е во рана фаза, но дека интензивно се работи на ново решение. Во групата има претставници на невладиниот сектор и министерствата кои се обидуваат доследно да се имплементираат препораките на ЕК.
„Јас реков, мора да има дијалог. Ние мора да работиме за добробит на државата. Самостоен судски буџет не значи вие да правите проекции надвор од она што е предвидено во законот. Ако е 0,8% од бруто домашниот производ, тоа треба да биде мерникот. Законот вели – најмалку 0,8% од БДП. На крајот на краиштата, има и директиви на Европската Унија коишто посочуваат на тоа како се уредува, како се финансира судството. Ние не измислуваме ништо. Сето тоа се на некој начин мерници коишто ние ги следиме и се повикуваме на нив во сите предлози коишто ги работиме“,
вели врховната судијка.
Околу немањето доволно ресурси и финансиска автономија, при што во Извештајот на ЕК се спомнува дека недостатокот на персонал е загрижувачки, бидејќи влијае на квалитетот и ефикасноста на правосудниот систем, Лазарова-Трајковска вели дека недостасуваат и стручни соработници и технички пероснал.
„Последните години, колку што знам од информациите од Судски совет, не е одобрено ниту едно вработување меѓу стручните служби и техничкиот персонал. Меѓутоа, ако се вратиме на бројот на судиите, за споредба, ако го видите извештајот на Црна Гора, таму има 279 судии моментално од 382 планирани. Ние во овој момент имаме 363 судии според извештајот на ЕУ, можеби таа бројка варира горе-долу, но тука е некаде. Тоа е многу низок број во однос на потребите. Како за пример ќе ви кажам, Црна Гора колку жители има, колку имаме ние. Кај нас во последните години, прво со измените на условите за пензија за судии замина една поголема бројка на судии, отприлика околу 20%, наместо на очекуваните 67, заминаа на 64 години пред две-три години. Сега повторно со измените на законот се соочува една група на судии коишто требаше да заминат годинава со 64 години, бидејќи законот дозволува да останат до 67 години. Меѓутоа, ако нема нов прилив на судии, ако нема нов прилив на кадри, за неколку години судовите повторно ќе се испразнат. На пример, во Врховниот суд од 28 систематизирани места, моментално има 14 судии, значи половина од потребите на Врховниот суд – не може да се направи втор совет за граѓански предмети, па се заменуваат судии, сѐ со цел да нема заостаток од предмети. Во овој дел, за неколку години, најмногу за пет години, во Врховниот суд, доколку не дојдат нови судии, ќе останат четири-пет судии, може да замислите“,
вели Лазарова Трајковска.

Во предлог-буџетот за 2026 година, кој веќе е во собраниска процедура, за судската власт се предвидени околу 46 милиони евра што претставува 0,3% од бруто домашниот производ. Лазарова-Трајковска вели дека се потребни средства не само за плати, туку и за унапредување и поголема дигитализација на системот.
Лазарова Трајковска: Неопходни се реформи во делот на судската независност и подобрување на буџетот, затоа што ние сè уште не можеме да расправаме за прашања поврзани со дигитализација во судството, бидејќи немаме ресурси, немаме начин како да отпочнеме со овие процеси.
„360 степени“: Oд овие 46 милиони евра, мислам дека нецели 2 отсто се за капитални инвестиции, околу 1 отсто.
Лазарова Трајковска: Да, околу еден отсто. А замислете си во другите судови, во другите земји, веќе се користи и вештачка интелигенција во постапките, како што се прекршочните постапки. Вмреженоста на систем како што е „сејф сити“, со алгоритам и прекршочните постапки се завршуваат со помош на вештачка интелигенција. Другите судови користат вештачка интелигенција и во однос на транспарентноста, информирањето на јавноста, јакнењето на базата на судската пракса и така натаму. Ние сè уште, па и самиот извештај на Европската комисија зборува за подобрување на АКМИС-системот.
