Предизвикана е позначајна материјална штета, иако амбасадата не била директна цел на рускиот проектил
Во серијата ракетни напади што утрово се случија врз главниот град на Украина, настрадала и зградата во која е сместена Амбасадата на Северна Македонија во центарот на Киев, дознава „360 степени“.
Нанесена е поголема материјална штета на објектот и на просториите во кои е сместена македонската амбасада. Во тие моменти никој од дипломатскиот персонал не бил во дипломатско-конзуларното претставништво, со оглед на тоа што нападот се случил рано изутрината.
Македонската амбасада во Киев, како што велат нашите извори, не била директна цел на нападите, туку цел, најверојатно, бил објект во непосредна близина што го користат безбедносно-воени служби на Украина.
Сите членови на македонската дипломатска мисија се добро.
Амбасадата на земјава во Киев се наоѓа на улицата „Иван Федоров“ број 12.
Упативме и официјално прашање до македонското МНР и штом добиеме одговор ќе го објавиме.
Рано утрово светските медиуми известија дека серија ракетни напади се извршени врз Киев предизвикувајќи материјална штета низ главниот град на Украина.
И киевскиот градоначалник потврди дека повеќе експлозии се регистрирани на неколку локации во градот, како и дека остатоци од падната граната во областа Холостив запалиле неколку автомобили.