Во говорот тој постојано го критикуваше својот демократски претходник за „хаосот“ што го оставил во врска со имиграцијата, економијата и меѓународните односи
Во говорот посвети малку време на прашањето за надворешната политика, тема што го окупираше поголемиот дел од неговата прва година на функцијата. Војната во Газа ја спомна попатно, но не и таа во Украина
Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа имаше 20-минутно обраќање до нацијата, во кое ги истакна достигнувањата на неговата администрација во изминатата година откако ја презеде функцијата, пренесува Асошиејтед прес. Откри некои од плановите за следната година, но голем дел од излагањето го посвети и на, како што рече, „хаосот“ што го наследил од неговиот претходник Џо Бајден.

На почетокот од говорот, Трамп ја критикуваше администрација на претседателот Џо Бајден, а како главен проблем ја наведе ситуацијата со имиграцијата, како и прашањата за економската инфлација и културата,.
„Ова е она што администрацијата на Бајден дозволи да се случи во нашата земја. Кога ја презедов функцијата, наследив хаос и сега го поправам“,
рече тој, уверувајќи ги Американците дека состојбата е стабилна.
Како што пренесуваат американските медиуми, во говорот Трамп го споменува Бајден најмалку пет до шестпати.
Ја пофали работата на неговата администрација во оваа година, почнувајќи од справувањето со миграцијата до намалување на цените на некои стоки.
Најави дека нацијата ќе биде посилна следната година.
Меѓу ретките политички иницијативи, Трамп објави дека неговата администрација ќе испрати „дивиденда за војници“ од 1 776 долари на сметките на 1,45 милиони припадници на вооружените сили на САД.
Во говорот посвети малку време на прашањето за надворешната политика, тема што го окупираше поголемиот дел од неговата прва година на функцијата. Војната во Газа ја спомна попатно, но не и таа во Украина.
Се осврна на загриженоста на граѓаните за падот на животниот стандард, проблем што тој постојано го нарекува – демократска измама.
Иако го обвинуваше раководењето на Бајден, Трамп рече дека нацијата е подготвена за економски бум.
Во говорот, Трамп нагласи дека привлекол 18 трилиони долари инвестиции што ќе создадат работни места и ќе отворат фабрики.
Својата царинска политика ја прогласи за водечки фактор во изминатата година.
„Пред една година нашата земја беше мртва, а сега сме најатрактивната земја во светот“,
рече тој.
Кон крајот на говорот, Трамп зборуваше и за големиот спортски настан што следната година ќе се одржи во земјата, а тоа е Светското првенство во фудбал, како и за големата прослава во чест на 250-годишнината од американската независност.
