Во текот на изминатите неколку месеци, група на граѓани, иницијативи и организации дизајнира и развиваат рамка која ќе стане „Зелен договор“ за Северна Македонија.
Како што информираат од „The Climate Herald“ целта е да се направи јасен преглед на науката за климатската криза, особено во Централна и Југоисточна Европа со фокус на Северна Македонија.
За развивањето на „Зелениот договор“ пред десетина месеци беше формирата и таканаречена Комисија на иднината која, во понедленик на 30 ноември, на онлајн дискусија ќе размени мислења и ставови по однос на содржините на „Зелениот договор“.
Коалицијата, исто така, ја финализира онлајн платформата „Зелен глас“ што ќе служи како алатка за луѓето да ги внесат своите визии за идеалното општество во кое сакаат да живеат во 2030 година, а со тоа да придонесат и со креирањето на „Зелениот договор“ за земјата.
„’Зелениот договор’ за Северна Македонија треба да ги претставува потребите и да се справува со борбите на различните заедници и сите делови во општеството и тоа може да го постигне само доколку сите сектори и заедници се претставени и се вклучат во овие дискусии. ‘Коалицијата на иднината’ ги поканува заинтересираните граѓани и организации да се вклучат во дискусијата со цел да помогнат во дизајнирањето на праведна и одржлива иднина за секој во државата“,
информираат од „The Climate Herald“.
Во македонскиот „Зелен договор“ меѓу останатите тематски области, ќе се третира и декарбонизација, децентрализирање и обновување на енергетскиот систем. Се планира и заштита и обновување на екосистемите преку природен капитал, но и прочистување на воздухот, водите и почвата. „Зелениот договор“ предвидува и социјална праведност и пристап до достоинствена работа, како и градење вештини во уметноста, културата, образованието и слично.
Минатата година, Европската комисија започна свој сопствен „Европски Зелен договор“, документ од 24 страници во кој е наведен радикалниот потфат со крајна цел Европската Унија да стане јаглеродно-неутралена до 2050 година.
„Планот ќе влијае на секоја област од животот каков што го знаеме од економијата, до зачувување на биолошката разновидност, земјоделството и се разбира, енергијата“,
велат од „The Climate Herald“.