„Посакувам да не сум во право. Но, што ако сум. Тогаш кој е тој што прави хаос и кој свесно удира по стандардот на пензионерите. Владата со тие мерки сакаше да го подобри стандардот на повеќе од 330 до 350 илјади пензионери. Некој друг има поинакви намери“, кажа тој
Премиерот Христијан Мицкоски денеска рече дека наскоро ќе се дознае дали се точни неговите информации оти веќе е ставен потпис на конечниот извештај со кој Уставниот суд ја укинува законската одредба за линеарно зголемување на пензиите. Ова тој го кажа денеска пред учеството на конференцијата „Хибридни и информациски закани: Од препознавање кон национален системски одговор“, во организацијата на Институтот за комуникациски студии, а одговарајќи на новинарско прашање за обвинувањата од Социјалдемократскиот сојуз дека со неговите изјави од собраниската говорница создал целосен хаос со исплатата на пензиите.

Нагласи дека нема да ги коментира изјавите од опозицијата, како и дека вчера за време на седницата за пратенички прашања бил прецизен во излагањето.
„Кажав дека имам информација дека е отпочната постапка и дека судијата известител ставил потпис на конечниот извештај со кој се укинува линеарното зголемување на пензиите за пензионерите од следниот месец. Дали тоа ќе се случи, ќе видиме наскоро, дали сум во право и дали информацијата е точна или не, многу скоро ќе добиеме одговор“,
рече тој.
Сепак, додаде дека посакува да не е во право, оти Владата имала намера со линеарното зголемување на пензиите да го зголеми стандардот на пензионерите.
„Но, што ако сум во право. Тогаш кој е тој што прави хаос и кој свесно удира по стандардот на пензионерите. Владата со тие мерки сакаше да го подобри стандардот на повеќе од 330 до 350 илјади пензионери. Некој друг има поинакви намери“,
кажа премиерот.
Од СДСМ денеска го обвинија Мицкоски дека со неговата вчерашна изјава во Собранието направил хаос во исплатата на пензиите и дека ако власта на ВМРО-ДПМНЕ доставила во Собранието закон кој е неуставен, не може некој друг да биде виновен освен тие што го поднеле.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера во Собранието, за време на седницата за пратенички прашања, рече дека Уставниот суд веќе донел одлука за укинување на законската одредба за линеарно зголемување на пензиите и веќе од наредниот месец најголемиот број од пензионерите ќе добиваат помали пензии.
Според него, одлуката за укинување на линеарното зголемување на пензиите веќе била потпишана од страна уставната судијка Добрила Кацарска, која пред Уставниот суд ја иницира оваа постапка, за оцена на уставноста на последните законски измени со кои пензионерите добија по илјада денари линеарно зголемување во септември, а исто толку треба и во март идната година.
„Последните информации се дека одлуката е донесена, дека е потпишана од нејзина страна и дека пензионерите веќе нема да добиваат линеарно зголемување на пензиите, туку согласно процентите утврдени со Законот што претходно важеше“,
рече тој.
Од Уставниот суд го демантираа Мицкоски. Оттаму информираа дека не е донесена конечна одлука за предметот што се однесува на членот 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, во јавноста познато како линеарно зголемување на пензиите.
Оттаму укажаа дека во тек е втората фаза од постапката во која се бараат мислења од доносителот и од предлагачите на Законот, по што следува конечната одлука.
„Јавноста ќе биде известена кога овој предмет ќе биде ставен на седница за гласање“,
се вели во соопштението од Уставен.
Уставен нема да ги преиспитува линеарните покачувања што досега им се исплатени на пензионерите, односно одредбите што го опфаќаат зголемувањето на пензиите по 2 500 денари, што се исплатени во септември 2024 и март 2025 година.
