„Околу трансплантацијата на дел од црн дроб, станува збор за различна хируршката техника. Значи, праќаме кадри кои се доедуцираат, меѓутоа и за тоа треба донор, член од семејството кој би се согласил“, вели националната координаторка за трансплантација Билјана Кузмановска во емисијата „360 степени“ на МРТ 1

360°: Трансплантација е можна и од живи пациенти, не само од мртви. Во кои случаи?
Билјана Кузмановска: Ви благодарам на прашањето. Тоа е една и од промените во законот. Досега беше до трето колено да може да биде жив дарител, најчесто на бубрези се живи дарители, а може да се дарува и дел од црниот дроб.
360°: Споменавме дека кај нас трансплантација на дел од црн дроб од жив донор не се работи. Зошто?
Билјана Кузмановска: Минатата година пративме, токму преку програмата за трансплантација, бидејќи трансплантација е еден од најсложените сегменти во здравствениот систем – не се работи само за детекција на донори, согласност и сама трансплантација, туку се работи и за едукација на нови кадри, доедукација… Медицината оди напред. Минатата година пративме двајца врвни дигестивни хирурзи коишто работат трансплантација од кадаверичен донор да учат трансплантација од жив донор.
360°: Зборуваме за дел од црн дроб, така?
Билјана Кузмановска: Да, дел од црн дроб, затоа што хируршката техника е различна. Значи, праќаме кадри кои се доедуцираат, меѓутоа и за тоа треба донор, нели, член од семејството кој би се согласил. Основниот одговор е дека од жив донор може да се трансплантира бубрег и тоа е и најчеста трансплантација во Македонија – од 1977 г. се работи, има веќе над 500 трансплантации направено. Досега законот предвидуваше до трето колено, а сега според новите измени ќе може и до четврто колено. Тоа значи братучед, прв братучед, да може да дарува орган на прв братучед.
360°: Има ли такви искуства во светот?
Билјана Кузмановска: Да. Дури во светот има искуство и непознати луѓе алтруистички да даваат органи, меѓутоа тоа секогаш оди со етичка комисија, затоа што давањето, донирањето на орган секогаш мора да е доброволно. Никогаш не смее да биде трансакционо. Значи, никогаш не смее да има – затоа постојат тие етички комисии – некаква компензација за тоа, затоа што тоа е еден од најстрого контролираните процеси како во Македонија, и со постојниов закон и со законот којшто се подготвува, така и во цел свет. Значи, не смее да има никаква трансакциона или каква било услуга за давање, за донирање на орган. Мора да биде доброволно и алтруистички.
360°: Значи треба наскоро да очекуваме дека и делови од црн дроб од жив органодарител ќе може да се трансплантираат и кај нас.
Билјана Кузмановска: Да, доколку се најде донор, нели, пак членот на семејството ќе кажам кој би сакал да донира дел од својот црн дроб на член од семејството. Сѐ тоа останува во рамки на семејството – живи донори.
360°: Неодамна слушнавме за трансплантација на рожници.
Билјана Кузмановска: Така е.
360°: Прв пат се реализирани кај нас. Но, информацијата беше проследена со податок дека тие се донирани од странство и дека сѐ тоа го имате правено со американски партнери. Може ли да ни кажете нешто повеќе за тоа?
Билјана Кузмановска: Да. Па еве јас да кажам ние сме посебно горди на тоа достигнување. Рожници во Македонија се трансплантирале пред повеќе од четири-пет децении, меѓутоа со постари методи, а ние сега воспоставивме партнерски однос со Универзитетот Дјук од Северна Каролина, САД, коишто се на шесто или седмо место во областа на клиничка медицина и особено се познати Дјук офталмологија, кои доаѓаат два пати досега со своја експертиза и донации обезбедивме од банка, очна банка во Сиетл од Америка да може да се извршат трансплантации. Притоа, се воведоа три нови методи, фактички едната е од постарите методи, тоа е таканаречена пенетрантна кератопластика, и две нови за коишто колегите од Дјук несебично ги делеа своите знаења со нашите офталмолози кои веќе имаа свои предзнаење за трансплантација, тоа се ДМЕК и ДСАЕК, при што се трансплантира еден микронски слој, милимикронски слој од рожницата. Таа соработка ќе продолжи.
360°: Потенцијално, може ли ткивата да се земаат од Македонија, во Македонија?
Билјана Кузмановска: Да, може доколку имаме банка за да ги складираме тие.
360°: А немаме банка?
Билјана Кузмановска: Ние во моментов немаме банка.
360°: Меѓутоа, ако добро разбрав, тие имаат рок на употреба две недели – четиринаесет дена.
Билјана Кузмановска: Токму така. Значи секое ткиво има различен рок на употреба. Ние имавме банка за коски и лигаменти во Македонија, се врши трансплантација на коски и лигаменти. Таму рокот е подолг – пет години. Ако се чува на минус 80 степени, до пет години можат да се чуваат и тие графтови се нумерирани, графтови ги велиме, тие си се нумерирани, складирани, за сѐ се води сметка. Претходно се биолошки обработени и на минус 80 степени можат да стојат до пет години. Додека корнеите, рожниците можат да седат… кај нив е 4 до 8 степени и тие можат да живеат, да бидат погодни за трансплантација до 14 дена.
360°: Има ли иницијатива да создадете банка овде?
Билјана Кузмановска: Би било добро да создадеме, меѓутоа со оглед на ратата на органодарување ќе почекаме да видиме, да се зголеми ратата на органодарување, за да можеме да создадеме банка и овде. Меѓутоа, беше голема логистичка подготовка и од Владата на Македонија, од Министерството за здравство, МАЛМЕД – тоа е Агенција за медицински лекови и помагала, Царинската управа, да може да се створат услови бидејќи тоа се супстанции од хумано потекло, да се донираат, а Очната клиника веќе има дозвола и да увезува. Секоја земја нема своја банка. Многу земји увезуваат од веќе познати банки. Има во Италија во Тревизо, во Холандија, во Германија. Значи не нужно мора да се има банка.
360°: Професорке Кузмановска, дали вие имате водено разговор со вашето семејство дома, дали евентуално би биле потенцијален донатор на органи?
Билјана Кузмановска: Јас за себе сум се изјаснила многу одамна, а кога започнаа промените, значи кога започна да се говори за промените, мојата ќерка која е математичар ме праша – мамо, кога ќе можам да одам да се запишам да бидам орган-донор. Така што, јас за себе сум се изјаснила и штом стапат промените во сила, ќе одам, ќе се запишам, ќе се регистрирам, еве и моите деца тоа го знаат.
