Покрај, песните и скандирањата, маршот изобилуваше и со бројни маски, кукли и перформанси, преку кои дел од демонстрантите ги упатија своите пораки. Меѓу нив беше и перформансот наречен „Погреб на фосилните горива“, во кој десетина демонстранти облечени во црно, носеа три огромни ковчези на кои пишуваше „јаглен“, „нафта“ и „гас“
Голем протестен марш денеска се одржа во бразилскиот град Белем, кој е домаќин на Конференцијата на Обединетите нации за климатските промени (КОП30). Организаторите на „Глобалниот климатски марш“ рекоа дека тој ја симболизира не само борбата за климата, туку и за начинот на живот и културниот идентитет на заедниците погодени од еколошките проблеми во Амазонија.

Десетици илјади демонстранти од домородните заедници и активисти од целиот свет маршираа низ центарот на Белем, скандирајќи гласно и пеејќи автохтони бразилски песни, повикувајќи на тој начин на итна акција за справување со климатската криза, но и заштита на амазонската шума.
Покрај, песните и скандирањата, маршот изобилуваше и со бројни маски, кукли и перформанси, преку кои дел од демонстрантите ги упатија своите пораки.
Меѓу нив беше и перформансот наречен „Погреб на фосилните горива“, во кој десетина демонстранти облечени во црно, носеа три огромни ковчези на кои пишуваше „јаглен“, „нафта“ и „гас“.
„Нашите животи зависат од ослободувањето од фосилните горива. Нашите деца и нашата иднина зависат од нашата борба. Преку мојата уметност јас сум тука да се борам“,
ја пренесува „Гардијан“ изјавата на една од учесничките.

Некои од учесниците на маршот носеа големи слики и скулптури од животни со порака дека и тие треба да бидат заштитени.
Според организаторите на протестот учествувале околу 50 000 луѓе.
Неколку дипломати и министри од земјите што се дел од преговорите на Конференцијата КОП 30, според медиумите, исто така, се придружија на протестот.
Министерката за животна средина на Бразил, Марина Силва, го поздрави големиот одѕив. Таа рече дека протестите се добредојдени во Бразил, кој има тешко стекната и консолидирана демократија.
Околу 200 земји се дел од конференцијата КОП30, која продолжува в понеделник и ќе трае до крајот на следната недела, на која се разговара за тоа како да се ограничи глобалното затоплување.
Фокусот е ставен на изготвување план за постепено укинување фосилните горива – нафтата, гасот и јагленот. Покрај тоа, земјите во развој бараат финансиска помош за поефикасно справување со тешките последици од климатските промени, чија последица се сè почестите и пообилни дождови, големи суши, топлотните бранови, шумските пожари и бурите.
Паралелно со конференцијата на ОН за климата, на Универзитетот во Белем се одржува и „Народен самит“, со учество на стотици организации, движења и мрежи од Бразил и странство.

Десетици домородни демонстранти во вторникот насилно влегоа во местото на одржување на самитот и се судрија со обезбедувањето на влезот барајќи климатска акција и заштита на шумите.
„Не можеме да јадеме пари. Сакаме нашите земјишта да бидат ослободени од агробизнис, истражување на нафта, нелегални рудари и нелегални дрвосечачи“,
рече водачот на една од домородните заедници.
