Претседателката на ЕК, Фон дер Лајен, за време на вчерашната посета на Албанија објави дека во Македонија и во Србија се отвораат „фабрики за вештачка интелигенција“ како дел од поширока иницијатива за вклучување на регионот во технолошкиот развој на Европа
Досега ги користевме искуствата и ресурсите на соседните држави, а сега ќе имаме наш сопствен центар што ќе се занимава со вештачка интелигенција – изјави премиерот Христијан Мицкоски по најавата на претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, дека во Македонија ќе се отвори фабрика, односно центар за развој на вештачка интелигенција.

„Тоа е проект што го буткаше Владата, односно Министерството за дигитална трансформација и е супер за граѓаните во Македонија бидејќи по првпат ќе користиме наши домашни ресурси. Тоа го правевме со факултетите ФЕИТ и ФИНКИ и е нешто за кое јас навистина сум возбуден и среќен. Практично нашите експерти, студенти, стручњаци ќе можат да ги користат и црпат ресурсите што ги има самата Европска Унија“,
изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.
Претседателката на ЕК, Фон дер Лајен, за време на вчерашната посета на Албанија објави дека во Македонија и Србија се отвораат „фабрики за вештачка интелигенција“ како дел од поширока иницијатива за вклучување на регионот во технолошкиот развој на Европа.
„Сакам иднината на вештачката интелигенција да се создаде во Европа. И сакам Западен Балкан да биде составен дел од неа. Компјутерската моќ на Унијата ќе биде на ваша услуга, исто како што сакам иднината на вештачката интелигенција да се создаде во Европа, така сакам Западен Балкан да биде во нејзиното срце“,
порача Фон дер Лајен во обраќањето на Инвестицискиот форум ЕУ – Западен Балкан во Тирана.