„Ние сакаме да станеме 28. земја членка во 2028 година. Меѓутоа, сакам тоа овде јасно да го кажам, нашата визија не е целосна без вас. Нашата визија е целиот Западен Балкан како нераскинлив дел од европското семејство“, рече црногорскиот претседател

Нашето пријателство ги надраснува вообичаените дипломатски фрази за отсуство на отворени прашања. Тоа е суштинско, тоа е преживеано и тоа е вистинско, истакна црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ во обраќањето пред пратениците во македонскиот парламент.
Милатовиќ, кој е во прва официјална посета на нашата земја, потенцира дека Црна Гора денеска стои пред вратата на Европската Унија и оти со оптимизам очекува дека набргу ќе стане првата нејзина наредна членка.
„Ние сакаме да станеме 28. земја членка во 2028 година. Меѓутоа, сакам тоа овде јасно да го кажам, нашата визија не е целосна без вас. Нашата визија е целиот Западен Балкан како нераскинлив дел од европското семејство“,
истакна Милатовиќ.
На надворешнополитички план, потсети тој, „ние чекориме со ист чекор и се гордееме што можевме да ви подадеме рака кон членството во НАТО“.
„Денес ја потврдуваме нашата целосна усогласеност со евроатланските вредности“,
рече Милатовиќ.
Осврнувајќи се на соработката меѓу двете земји, црногорскиот претседател Милатовиќ рече дека соработката во економијата, инфраструктурата, енергетиката и туризмот не треба да остане само на ниво на потенцијал.
„Наша заедничка должност е институционално да ги поврземе нашите стопанства и да ги модернизираме нашите општества за резултатите на нашите политики да станат мерливи со подобар живот на секој граѓанин“,
рече Милатовиќ.
Во времиња на големи глобални искушенија, додаде тој, нашите држави остануваат вредносни патокази за почитување и за уважување на различностите, кое за нас се богатство.
„Со тоа даваме клучен придонес кон нашиот заеднички регион праќајќи јасна порака и од Скопје и од Подгорица дека разните вери и нации не се ѕидови што нè делат, туку мостови што силно нè врзуваат и спојуваат“,
рече црногорскиот претседател пред пратениците.
На обраќањето на Милатовиќ во пленарната сала присуствуваа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која е негов домаќин и со која имаше средба и прес-конференција во илата „Водно“, а неговиот говор го проследија и членови на македонската влада, претставници на правосудството, верски лидери, како и членови на дипломатскиот кор во земјата.
Во Собранието црногорскиот претседател имаше средба и со претседателот на законодавниот дом, Африм Гаши, а разговарале за актуелните регионални прашања и можностите за продлабочување на билатералната соработка.
Претходно Милатовиќ со највисоки државни и воени почести беше пречекан од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во вилата „Водно“ каде што на заедничката прес-конференција рече дека доаѓа како пријател кај пријатели, како брат во една братска држава.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова рече дека со Милатовиќ потврдиле оти земјите се извонреден пример за регионално добрососедство, добар пример на соработка и внатре во рамките на НАТО-сојузот, а денешната средба уште повеќе ја зацврстува довербата.
